Skip to main content

Атина: Автомобил влетал во градината на ресторан, 11 лица се повредени

Freepik

Црн џип синоќа доцна, со голема брзина и од засега непознати причини, влетал во градината на ресторан во атинската населба Колонаки. Според податоците од надлежните служби, во несреќата биле повредени 11 лица.

Едно од повредените лица е задржано на одделот за интензивна нега за следење на состојбата, додека две жени биле оперирани поради сериозни скршеници, пренесе денеска Грчката радиотелевизија.

Возилото, според пишувањата на медиумите, било паркирано на надолнина, а според првичните информации, 35-годишен работник на обезбедување не ја активирал рачната кочница при паркирањето.

Во моментот кога се обидел да го премести возилото на слободно паркинг место од другата страна на улицата, го оставил без надзор, што овозможило џипот сам да се придвижи и да ја предизвика несреќата.

На својот пат, возилото урнало столпчиња, се искачило на тротоарот, искорнало дрво и потоа влетало во градината на ресторанот, повредувајќи повеќе гости кои седеле на масите пред локалот.

„Слушнав силен удар. Некој извика автомобил и пред да сфатам што се случува, веќе бев на земја, крвава. Имав среќа што дрвото го запре возилото пред целосно да дојде до масата на која седев“, изјавила една од повредените гостинки, додавајќи дека има скршеница на раката, повреди на главата и ребрата.

Очевидци изјавиле дека слушнале силен удар, кршење стакло и врисоци, а кога се приближиле до местото на несреќата, затекнале повредени на тротоарот, возило забодено во ѕид и разфрлани маси.

Веднаш по инцидентот, осомничениот работник на обезбедување бил уапсен, а против него е покрената постапка за предизвикување тешки телесни повреди и прекршување на сообраќајните прописи.

Сопственикот на возилото исто така бил приведен, но потоа е пуштен на слобода. На местото веднаш биле испратени седум возила на Итна помош, а сите повредени биле пренесени во болница.

Пет лица по укажаната медицинска помош биле пуштени дома, додека шестмина се задржани на лекување, соопшти Министерството за здравство на Грција, додавајќи дека сите пациенти се надвор од животна опасност, нивната состојба е стабилна и под контрола.

Истражните органи работат на утврдување на точните околности кои довеле до несреќата.

Поврзани вести