Skip to main content

АфД води на анкетите, но предноста и се намалува во германска сојузна покраина на две недели пред изборите

Две недели пред изборите во североисточната германска покраина Мекленбург – Западна Померанија, владејачките социјалдемократи (СПД) се приближуваат до десничарската Алтернатива за Германија (АфД), покажува најнова анкета.

Истражувањето на „Инфратест димап“, спроведено за јавниот сервис НДР, покажува дека СПД има поддршка од 32 проценти, што е за само три проценти зад АфД.

Гласањето треба да се одржи на 20 септември, две недели откако соседната покраина Саксонија-Анхалт ќе гласа на изборите кои привлекоа големо внимание бидејќи АфД за првпат би можела да застане на чело на една покраинска влада.

АфД со месеци имаше стабилно водство и во Мекленбург – Западна Померанија, а одделна анкета на институтот за истражување на јавното мислење „Форса“, објавена вчера, ѝ даде на партијата 37 проценти во споредба со 28-те проценти на СПД.

Премиерката на Мекленбург – Западна Померанија од редовите на СПД, Мануела Швезиг, води жестока борба за да ја задржи функцијата, и покрај незадоволството од сојузната влада во Берлин, во која социјалдемократите се помал коалициски партнер на конзервативците на канцеларот Фридрих Мерц.

На третото место во најновата анкета во Мекленбург – Западна Померанија се најде Левицата со 11 проценти, додека Демохристијаните (ЦДУ) на Мерц се на четвртото место со 8 проценти. Оваа бројка би била најлош резултат на партијата во историјата на изборите за една германска покраина.

Подалеку зад нив се Зелените со 5 проценти – што е минимумот потребен за влез во покраинскиот парламент – пред популистичкиот Сојуз Сахра Вагенкнехт (БСВ) со 4 проценти.

Анкетата сугерира дека актуелната коалиција на Швезиг со Левицата нема да има доволна поддршка за мнозинство во покраинскиот парламент, што евентуално би го отворило патот за трипартитно партнерство со Зелените.

Поврзани вести