Skip to main content

Анджеј Дуда: Ние сме „чувари на сеќавањето“ за злосторствата во Аушвиц

Полскиот претседател Анджеј Дуда се присети на жртвите на нацистите на спомен-обележјето Аушвиц-Биркенау, каде што  денеска започнаа одбележувањата на 80-годишнината од ослободувањето на логорот.

– Ние, Полјаците, на чија земја окупирана од нацистичка Германија беше изградена оваа индустрија на истребување и овој концентрационен логор, денес сме чувари на сеќавањето, изјави Дуда.

Говорејќи на комеморацијата, тој потсети дека во германскиот нацистички концентрационен и истребувачки логор Аушвиц-Биркенау убиени се 1,1 милион луѓе од различни националности, пред сè Евреи, но и Полјаци, Руси и Роми.

– Како што добро знаеме, концентрационите логори, а пред сè логорите за истребување како Аушвиц-Биркенау, беа изградени за да се спроведе истребувањето на еврејскиот народ. Тоа беше криминалниот план на Адолф Хитлер и на нацистичка Германија за време на Втората светска војна, рече Дуда.

Тој потсети дека 27 јануари е Меѓународен ден на сеќавањето на жртвите на Холокаустот.

– Меѓу сите оние убиени за време на Холокаустот, повеќе од три милиони беа полски државјани од еврејска националност, кои беа убиени од Германците за време на Втората светска војна, додаде Дуда.

Тој нагласи дека Полјаците денес се „чувари на сеќавањето“.

– На некој начин болно, можеме да кажеме дека ја продолжуваме оваа извонредна мисија што доброволно ја презеде капетан Пилецки за време на Втората светска војна, рече тој, потсетувајќи на херојството на Витолд Пилецки, кој доброволно влезе во Аушвиц за да ги документира злосторствата.

– Ги чуваме овие места. Полска се грижи за овие места токму за да не исчезне сеќавањето, за да не избледи, за секогаш да се памети и преку тоа сеќавање светот никогаш повеќе да не дозволи таква драматична човечка катастрофа. Или, поточно кажано, катастрофа на човештвото. Зашто фактот дека претставници на еден народ можеа да нанесат толкава страшна, незамислива штета на други народи е нешто што никогаш порано не се случило, заклучи претседателот на Полска.

На почетокот на церемонијата, Дуда положи венец на Ѕидот на смртта, во придружба на поранешни затвореници. Илјадници затвореници беа стрелани пред овој ѕид од страна на нацистичките СС војници.

На комеморацијата учествуваат повеќе од 50 поранешни затвореници од Аушвиц-Биркенау и други логори. Четворица од нив попладнево ќе бидат дел од централниот настан и ќе одржат говори. Не се предвидени говори на политичари, бидејќи идејата е дека мора да се слушне гласот на преживеаните. Покрај нив, единствените други кои ќе имаат обраќања се претседателот на Светскиот еврејски конгрес Роналд С. Лаудер, кој ги претставува главните донатори на споменикот, и историчарот Пјотр Цивињски, директор на Државниот музеј Аушвиц-Биркенау.

Со оглед на нивната поодмината возраст, ова можеби ќе биде една од последните големи церемонии на кои преживеаните можат да учествуваат.

Делегации од 55 земји присуствуваат на одбележувањето., а меѓу нив и македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова.

Поврзани вести