
Новиот градоначалник на Скопје започна масовна акција на чистење – не само на улиците, туку и на градските јавни претпријатија. Првите проверки открија дека 371 лице земале плата без да се појавуваат на работа, или, како што вели извор од Градот, „само клателе врата“.
Сите тие лица се отстранети од работа, а градоначалникот најави дека ревизијата ќе продолжи и во наредните денови, бидејќи се сомнева дека бројката може да биде и поголема.
Според првичните проценки, Градот Скопје годишно исплаќал повеќе од 2,7 милиони евра за плати на лица кои не извршувале никакви обврски. Со просечна бруто плата од околу 40.000 денари месечно, секој од нив го чинел градот речиси 8.000 евра годишно – пари што можеле да се искористат за подобрување на јавниот превоз, чистење на улиците или уредување на парковите.
Градоначалникот најави дека ќе се испита одговорноста на раководствата на јавните претпријатија, како и на поранешното градско раководство, кое дозволило ваквата пракса да трае со години.
„Ова е класичен пример на расипничко трошење народни пари. Ќе има одговорност за сите што примале плата без работа и за тие што го дозволиле тоа,“ велат од Градот.
Јавноста очекува истражните органи да утврдат дали дел од исплатените пари може да се вратат во градскиот буџет.

Македонски







