
ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ предупредува за појава на лажни СМС-пораки во кои непознати испраќачи го злоупотребуваат името на претпријатието, известувајќи ги граѓаните за наводни неплатени обврски за паркирање и упатувајќи ги на лажни интернет-страници за уплата.
Во пораките се наведуваат и закани за парични казни од најмалку 20.000 денари, како и суспензија на регистрацијата на возилото доколку не се изврши плаќањето.
Од претпријатието информираат дека пораките не се испратени од ЈП ПОЦ и дека станува збор за обид за интернет-измама (фишинг), преку злоупотреба на името на претпријатието.
Оттаму апелираат до граѓаните да не одговараат на ваквите пораки, да не ги отвораат линковите, да не внесуваат лични податоци и податоци од платежни картички и да не вршат уплати преку нив.
Доколку граѓаните веќе внесле податоци од платежна картичка или извршиле уплата, потребно е веднаш да ја контактираат својата банка и да го пријават случајот во Министерството за внатрешни работи. За проверка на евентуални обврски за паркирање, од ЈП ПОЦ ги упатуваат граѓаните да ги користат исклучиво официјалните канали на претпријатието – веб-страницата www.poc.mk, електронската адреса [email protected] или телефонските броеви 02/3212-488 и 02/3212-489. Од претпријатието апелираат на зголемена внимателност со цел да се спречат евентуални финансиски штети и злоупотреби на личните податоци, се наведува во соопштението од ПОЦ.

Македонски




