
„Центар мора да биде најбезбедната општина во Скопје! За жал, сликата денес е поинаква – темни и небезбедни улици, сообраќаен хаос и чувство на несигурност кое секојдневно го чувствуваат граѓаните,“ изјави кандидатот за градоначалник на Центар, Мирослав Лабудовиќ.
Тој нагласи дека безбедноста на граѓаните е основа за квалитетен живот и дека токму затоа во својата програма предвидува пакет од системски решенија:
-Формирање на редарска служба – локален тим кој секојдневно ќе се грижи за јавниот ред, заштитата на јавниот имот и превенција на недозволени активности.
-Засилена координација со полицијата – со почести патроли, особено во вечерните часови на фреквентни локации, плоштади, маала и простори каде што најчесто се движат младите и семејствата.
-Современ систем за пријавување проблеми – контакт-центар и мобилна апликација кои ќе овозможат граѓаните за неколку секунди да пријават проблем или инцидент, а институциите веднаш да реагираат.
-Модерен видео-надзор – поставување на камери на клучни и критични точки во општината, со строга регулација и почитување на приватноста, исклучиво со цел заштита и превенција.
-Подобро осветлување – темните улици ќе станат минато, со ново и енергетско-ефикасно јавно осветлување, кое ќе даде чувство на сигурност и ќе ја врати довербата кај жителите.
Безбедноста не смее да биде луксуз. Таа е задолжителен услов за достоинствен живот. Центар мора да има осветлени улици, јасен ред и заштита на секој граѓанин. Затоа се обврзувам дека веднаш ќе започнеме со имплементација на овие решенија. Нашата цел е Центар да стане општина во која секој – од најмладите до највозрасните – ќе се чувствува сигурно, спокојно и заштитено“, порача Лабудовиќ.
Тој додаде дека ваквиот систем нема да биде само реакција на проблемите, туку ќе гради трајна превенција и ќе создаде култура на одговорност, соработка и заедништво.
Современа општина мора да има ред и безбедност за сите. Центар мора да биде безбеден – и ќе биде безбеден, заврши Лабудовиќ.