
Кандидатот за градоаначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски кој оди во вториот круг денеска се сретна со советничкото мнозинство во Советот на Градот предводено од носителот Даме Димитровски
Во градот Скопје имаме сериозно стабилно советничко мнозинство. Одржавме конструктивна, координативна средба. Најнапред, сакам искрено да им се заблагодарам на сите граѓани за големата поддршка што ја дадоа за мене и за советничката листа за Град Скопје. Вашата доверба е поттик и обврска да работиме уште посилно и поодговорно.На средбата разговаравме за првите наши чекори по преземањето на функцијата градоначалник, како и за најгорливите прашања што ќе бидат наш сериозен фокус до крајот на годината. Првиот ребаланс на буџетот ќе биде насочен кон враќање на функционалноста на градот, кон капитални инвестиции, подобра инфраструктура, чиста животна средина и поддршка на јавните претпријатија кои се во сериозен колапс, вели Ѓорѓиевски.
Истакнува дека на Скопје и на неговите граѓани им е потребна стабилност и систематско решение на наталожените проблеми, а не експерименти, туку план, одговорност и работа.
Советот ќе биде двигател на тие промени, насочен кон интересот на граѓаните.
Ние сме силен синџир и секоја алка е важна, секоја алка активна во мисијата за подобро Скопје. Вратата за соработка со сите советници останува отворена, затоа што веруваме дека вистинскиот напредок се постигнува само со обединета енергија и искрена посветеност. Мнозинството ќе биде водено од принципи, работа и одговорност. Секој советник ќе има свое место и улога во напредокот на градот. Верувам дека во наредните четири години, со заеднички ангажман, визија и труд, ќе го направиме Скопје повторно достоинствен град на кој сите ќе се гордееме. Со среќа на сите советници! Ова се сериозни, посветени и докажани луѓе во својата професија и верувам во искрена и плодна соработка која ќе донесе резултати за сите скопјани. Ве повикувам за уште поголема поддршка за вториот круг, да се фатиме за работа уште од првиот ден и Скопје да почне конечно да функционира.