
И во сабота, вратите на Град Скопје беа широко отворени за сите граѓани кои побараа прием кај градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, со цел да ги споделат своите проблеми, идеи и предлози.
Дел од разговорите ги реализира и телефонски, затоа што, како што посочува „секој е важен, а секоја порака заслужува внимание и одговор“.

Градоначалникот изрази задоволство од искрената поддршка и добриот збор од граѓаните, истакнувајќи дека многумина ретко имале можност лично да бидат примени и сослушани од градоначалникот. Тоа, како што подвлече Ѓорѓиевски, претставува голема чест, но и поголема обврска.
Како што ветив, градот е отворен за сите – без затворени врати и без игнорирање. Секој проблем е внимателно забележан, секој предлог е запишан. На предизвиците ќе им пристапиме директно и одговорно и заедно, чекор по чекор, ќе работиме на нивно решавање. Јас и Град Скопје остануваме достапни, присутни и секогаш на страната на граѓаните“, истакна Ѓорѓиевски во објава на Фејсбук.

Како што посочува Ѓорѓиевски, средбите продолжуваат во текот на целиот ден, а доколку има потреба, ќе продолжат и утре. За закажување термин, граѓаните можат да се јават на 02/3 297 204.
Скопје е наш заеднички дом, а обврската кон луѓето не завршува со работното време“, истакна градоначалникот на Град Скопје.

Македонски


