Skip to main content

Ѓорѓиевски: До април набавка на 40 нови камиони за „Комунална хигиена“, до првата половина на годината нови автобуси

Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски најави дека до април ќе бидат набавени четириесет нови камиони за „Комунална хигиена“. Дел од нив ќе бидат набавени преку јавна набавка за што се обезбедени средства во Буџетот на Град Скопје, а дел преку Светска банка.

Ќе ги набавиме до април во две фази (од една страна ние самите ќе направиме јавна набавка преку „Комунална хигиена“ за што одвоивме средства во буџетот, а од друга страна Министерството за транспорт преку Светска банка). Ова е веќе вест за градот, ќе набавиме камиони кои ќе штедат на гориво, на сервиси, кои ќе ги задоволат целосно потребите на скопјани“, изјави Ѓорѓиевски за централниот дневник на телевизија „Сител“. 

Ѓоргиевски потсети дека во „Комунална хигиена“ имало само 16 функционални камиони и дека сега има околу 40 до 50 камиони но поради староста на возилата и честите дефекти се случува на дневна основа да се намалува бројката на функционални возила. 

Според него, состојбата со ѓубрето во Скопје е далеку подобра од претходно, но сепак вели дека има мал процент на несовесно население поради кое страда целото население. Во изминатиот период, како што посочи, се изречени стотици предупредувања и казни. 

До првата половина на следната година Ѓорѓиевски очекува да се нормализира состојбата и со јавниот превоз кога треба да стигнат новите автобуси. Тој признава дека се уште има пропусти на одредени места, но дека проблемите се надминуваат. Вели дека набавките за делови не биле платени и дека тоа било еден од предизвиците со кои се соочиле од самиот старт. 

Затоа имаше многу автобуси што беа нефункционални и многу камиони од „Комунална хигиена“ нефункционални“, вели Ѓорѓиевски. 

Поврзани вести