
Интернет просторот беше преплавен со видеа и фотографии од малиот мајмун макаки Панч во јапонската зоолошка градина кој не се одвојува од својата плишана играчка орангутан откако бил отфрлен од својата мајка.
Приказната за седуммесечниот Панч трогна многумина, но заврши среќно. Тој беше прифатен од друга група од својот вид.
Но, случај со отфрлање на младенчиња бележи и скопската Зоолошка градина. Оттаму вчера потсетија на малото мајмунче од видот гибон кое пред четири години беше отфрлено од мајката и падна во езерцето во Зоо Скопје.
И Делфина, како Панч, си доби играчка орангутан, а зоонегувателите успеаја да ја спојат со нејзиното братче Мики.
-Се сеќавате ли на приказната за малото мајмунче гибонче кое пред четири години беше отфрлено од својата мајка и падна во езеро? Делфина по спасувањето на нејзиниот живот беше одгледана од нејзината зоонегувателка Зера која целото свое работно, но и слободно време 24/7 го посвети на оваа наша мала убавица. Сега заедно со своето помало братче Мики се адапатираат на самостоен живот, а Скопје ЗОО е една од ретките институции во светот која успеа во намерата да ги спои и адаптира овие две гибончиња. Многу од нашите посетители се восхитуваат на приказната за овие две мали гибончиња, на посветеноста и пожртвуваноста на Зера, но и помошта од другите вработени во грижата за овие човеколики мајмуни, па така и оваа играчка е подарок од наша редовна посетителка, велат од ЗОО Скопје.
Мики и Делфина редовно изминатиот период добиваа подароци и играчки и од тимот на ЗОО Скопје.

Македонски



