
Министерството за образование и наука и Здружениот истражувачки центар на Европската комисија наскоро ќе потпишат договор за соработка, со кој, Македонија ќе добие дополнителна поддршка за имплементација на Стратегијата за паметна специјализација во форма на експертиза и размена на позитивни практики, методологии и научни пристапи за јакнење на националниот систем за истражување и иновации.
Заради финализирање на одредбите од договорот, во посета на Испра, Италија каде се наоѓа еден од седумте институти на Здружениот истражувачки центар е министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска која се сретна со Сабине Хенцлер, директорка за стратегии и влијанија на Центарот.
Оваа соработка за Македонија како земја во развој е исклучително важна. Благодарни сме што учествувавте во креирањето на Стратегијата за паметна специјализација на Македонија и што продолжувате да ни помагате во процесот на имплементација. Секако дека имаме потреба од поддршка за дизајнирање на нови инструменти за нејзино спроведување, мониторинг и евалуација и сметаме дека со вашата стручност значително ќе ги зајакнеме капацитетите на националната истражувачка и иновативна инфраструктура, рече Јаневска.
Иницијативата за продлабочување на соработката произлезе од средбата на министерката Јаневска и раководството на Центарот за време на Министерската конференција за образование и наука на земјите од Западен Балкан што се одржа во октомври минатата година во Скопје.
По потпишувањето на договорот се очекува зголемена мобилност на македонски истражувачи кон научните установи на Здружениот истражувачки центар, како и прием на докторанти и постдокторанти, организирање на билатерални посети, заеднички обуки, конференции и други информативни настани поврзани со паметната специјализација.
Здружениот истражувачки центар (Joint Research Centre) е референтен центар за наука и технологија на ЕУ, кој обезбедува независна научна и техничка поддршка за креирање и спроведување на политиките на Унијата. Центарот е вклучен и во процесот на нејзино проширување, преку соработка со земјите апликанти обезбедувајќи им техничка поддршка за ефикасно имплементирање на европските закони во областа на науката и технологијата. Центарот има седум институти во пет земји на ЕУ (Белгија, Германија, Италија, Холандија и Шпанија) кои покриваат широк спектар на теми, вклучувајќи: Одржлив развој и климатски промени; Иновации и технологија; Енергетика и транспорт; Здравство и безбедност на храна; Дигитална трансформација.