
ВМРО-ДПМНЕ со децении ја покажува својата посветеност кон развојот и напредокот на државата, стои во соопштението на партијата. Како што наведуваат, во креирањето на политиките секогаш прво се воделе од државните и националните интереси, а дури потоа од партиските.
Ваквиот пристап, велат, јасно се потврдил и на 18-от Конгрес, одржан пред неколку дена, каде што покрај изборот на претседател, делегатите ја усвоија и стратегијата за развој на државата до 2030 година – „Ново поглавје – Стратегија Македонија 2030“.
Според соопштението, документот поставува јасни цели и ја позиционира ВМРО-ДПМНЕ како политичка сила подготвена да ја преземе улогата на државничко лидерство. Стратегијата се темели на потребата Македонија да излезе од циклусот на импровизации и краткорочни решенија и да воспостави долгорочен систем на управување преку силни институции, конкурентна економија и општество засновано на вредности, ред и самодоверба.
Во документот, меѓу клучните новитети, се вклучени национална стратегија за вештачка интелигенција, стратегија за сајбер-безбедност, геоекономска дипломатија и Фонд за иднината – државен инвестициски инструмент наменет за поддршка на технологии, иновации и научно-истражувачка дејност.
Најважниот резултат што треба да го даде имплементацијата, велат од партијата, е Македонија до 2030 година да стане земја која создава стабилност, економска сила и институционална зрелост, со идентитет што не се условува, туку се почитува.
Стратегијата поставува шест основни стожери што ќе го водат развојниот пат на државата:
- Државна безбедност – модерна армија, национална сајбер-заштита и систем за одговор на хибридни закани.
- Економска конкурентност – напуштање на моделот на евтина работна сила и премин кон економија базирана на технологија, иновации и знаење, стабилни даноци и зелена транзиција.
- Правна држава – независно судство, департизирана администрација и ефективна борба против корупцијата преку дигитални и контролни механизми.
- Демографски политики – вистинска поддршка за младите, станбени програми, мерки за враќање на дијаспората и достоинствен третман за постарите.
- Европска интеграција и надворешна политика – партнерства со јасни црвени линии: Европа да, но без условувања кои навлегуваат во идентитетот и достоинството.
- Образование, култура и идентитет – вложување во современи наставни програми, дигитални кампуси, наука и заштита на македонскиот јазик и културно наследство.
Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека оваа стратегија претставува нова визија за модерна, стабилна и европски ориентирана Македонија, со јасно утврден развоен правец.
„Македонија знае, може и мора многу повеќе“, се наведува во соопштението.

Македонски







