
ВМРО-ДПМНЕ е многу повеќе од партија. ВМРО е име што се памети. Име што носи тежина. Име што буди чувство. Име натопено со солзите на генерации борци. Со денешен речник кажано, ВМРО е најголемиот македонски политички бренд. ВМРО создаден од историја. Од борба, од болка, од жртва. Од верба и од љубов кон татковината. ВМРО е идеја што трае, нагласи во вчерашниот говор премиерот Мицкоски.
Идеја што поминала низ востанија, прогони, победи, порази, надежи и разочарувања. И сепак останала жива. За да ги предводи следните национални победи! Затоа што нејзината суштина е едноставна и силна. Македонија да биде своја, да биде горда, да биде почитувана. Во таа идеја има корен, но има и иднина. Има традиција, но има и широчина. Има патриотизам, но има и програма.Затоа ВМРО-ДПМНЕ денес има сила да биде најдобриот одговор за предизвиците пред Македонија: за економија што расте, за институции што служат, за млади што остануваат, тука дома во Македонија, од тука да се бориме за нашата татковина, за држава што создава и за народ што верува.
Тоа е нашата обврска. Да ја чуваме идејата, да ја шириме идејата. Да ја претвораме во дела. Затоа што ВМРО не е само дел од македонската историја. ВМРО е причината затоа што Македонија забрзува и Македонија има иднина.

Би сакал да се осврнам сега на две теми, кои што се многу значајни и важни на моменталната политичка сцена во Македонија. Првата е она национално несогласување, кое што го имаме со опозицијата околу спорот со нашиот источен сосед. Морам да дадам еден пред текст, еден контекст, како дојдовме до оваа состојба. Во услови кога ветуваа дека ќе донесат живот, во услови кога ветуваа дека Македонија ќе биде достоинствена, модерна, европска држава, со европско здравство, со европско образование, со богати граѓани, донесоа криминал, донесоа буквално уништување на се што значи Македонија и македонско. Во услови кога не успеаја, со своите ветувања, единственото нешто кое што им преостануваше, а беа жедни, беа лакоми за власт, за моќ, да продолжат да ја празнат Македонија, да продолжат да ја уништуваат Македонија, прифатија да потпишат бел лист хартија. Тие мислеа дека ако ги гланцаат чевлите таму на некој европски бирократ и ќе коленичат и ќе потпишуваат бел лист хартија, дека тоа ќе им донесе победа на изборите во 2024-тата година. Ене каде се тие, на политичката маргина и уште долго ќе останат таму. Им прети уништување.
Но создадоа голем проблем, создадоа проблем на нашиот пат кон Европа. И да не беше тој проблем, со реформите, политиките кои што ги испорачува оваа Влада, веќе ќе чукавме и ќе тропавме на портите на Европа. Но пред нас имаме договор којшто не обврзува на нешто кое што никој од нас, не помислува да го направи. Тој договор ќе не посетува вечно, на тој бел лист хартија која што претходната влада го потпиша, мислејќи дека на тој начин ќе остане во владата и ќе ја добие милоста од тие, коишто не гласаат, туку во суштина, бира и казнува народот. А народот, нив ги казни и ги прати во опозиција.
Но, сакам јасно и гласно, од овде, на овој 36 роденден на ВМРО-ДПМНЕ, да испратиме една силна порака, која што ќе допре до секој еден до европската престолнина во Брисел, дека местото на овој народ, на граѓаните на нашата Македонија е таму на масата во Брисел со нив, како полноправна членка на ЕУ.
Но, драги браќа и сестри, тоа нема да биде спринт или кратка трка. Подгответе се за маратон, затоа што ќе мора да се бориме да го исправиме она предавство и онаа капитулација, која што претходната најкорумпирана во историјата македонска влада го направи за овој народ и за својата татковина. Подгответе се да се бориме и да се избориме, за нашите од другата страна на границата да го остварат своето човеково право, да регистрираат конечно своја институција, под која што ќе можат културно да се организираат. Во раката имаме договор којшто го потпиша претходната влада, но исто така нашиот источен сосед на маса има 14 пресуди од Европскиот суд за човекови права, коишто велат, веднаш да ја регистрираат организацијата на Македонците кај нашиот источен сосед, ОМО Илинден Пирин.
Не може само за нас да важат правила и договори. Или за сите, или за никој. Бидејќи ни велат, дека ова било последно, дека немало да има повеќе вакви, тогаш ајде сите гласно да испратиме порака до тие што ни велат, донесете заклучок дека нема повеќе билатерални прашања, дека е константа и факт, македонскиот многувековен идентитет, култура, традиција, обичаи, јазик, и дека нема повеќе да ја отвора таа тема.
Нема цена, нема слава, нема моќ, која што може да ме убеди дека без овие работи, ќе прифатиме било што. Ова е нашата црвена линија. Сите треба да не слушнат гласно и јасно: Нема пазарење со идентитетот наш македонски. Доста беше.
Затоа, подгответе се за борба. Овие пред нас, нашите предци, не случајно одземав неколку 10-тина минути од вашето време денеска, во Струмица, на овој 36-ти роденден на ВМРО-ДПМНЕ. Да направиме една ретроспектива на организацијата од 1893 па наваму. Тоа е тој габарит за којшто зборував. Таа е таа тежина што секој член на ВМРО-ДПМНЕ и секој еден Македонец, но и оној кој што е наш сограѓанин во Македонија, а не е Македонец, треба да го носи со себе. Ја имаме честа и привилегијата да бидеме светилникот и чуварите на тој голем габарит, којшто ни го оставија нашите предци и аманетот за ВМРО.
Втората тема, за која што сакам да зборувам, а за која што честопати добиваме и критики, дека сме се договориле, дека сме имале пакт со претходната влада, па затоа не сме ги гонеле, немало прогон, не сме апселе. Сакам многу јасно и многу прецизно тука да кажам и да повторам, тоа што веќе неколкупати сум го кажал. Ние не сме во театар, ние не сме естрадни уметници и да правиме естрада од она кое што го работиме. Ние сме политичари, ние сме луѓе коишто од политиката не смеат да прават естрада и реално шоу. Изминативе две години, се изведоа пред лицето на правдата, врховни судии, обвинители, претседатели на Совет на обвинители, поранешни вицепремиери, министри, директори и сето тоа помина без да влегуваат во нивните домови, специјалци, во 3 наутро, пред очите на нивните најблиски, на нивните сопружници, на нивните деца. Тоа го правиме за да не биде понижен никој. Но, сакам да испратам јасна порака од Струмица, ќе ги гониме каде и да се, со криминалот и криминалците, пакт и сојуз нема. Затоа се немирни, затоа се нервозни. Последниот нивен жилав бастион, се малкумина, корумпирани судии и обвинители, и нив ќе ги проазиме наскоро. И ќе одговараат од прв до последен.

Во овие мигови, сакам малку да зборувам и за работата на Владата. Ретко, можеби и недоволно, зборувам за ова, но мораме да објасниме што правиме. Поминавме безмалку две години.
Покажавме дека со скромни ресурси можеме да направиме многу. Во овој краток период направивме Македонија да биде во топ пет во Европа според растот на БДП како процент од истиот. Постигнавме историски рекорди над 1,255 милијарди евра странски директни инвестиции. Работиме на шест нови автопати, зголемивме пензии, градиме студентски домови. За студентите, обезбедивме електронски уреди. Сето она кое што претставуваше проект, а беше заборавено од претходната влада, го реализиравме и го реализираме.
Она кое што сакам да го испратам како порака и од овде, од Струмица, а кое што мислам дека е важно за овој крај, е дека оваа недела објавен тендерот за визибилити студија и техничко решение, за патот којшто ги поврзува Радовиш и Струмица и тоа ќе биде како додадена вредност на она што денеска го направивме, а тоа е конечното пуштање во употреба на болницата во Струмица, која што 4 децении, замислете, 4 децении не била завршена.
Следува реконструкција на Владата
Од утре ќе започнам да работам на оваа тема. Откако сме во финишот на екипирањето и промените кои се случија во партијата, каде што имаме околу 30 проценти нови претседатели на комитети, можам да кажам дека кога станува збор за Владата многу прецизно го детектирам и следам феноменот што дел од ешалоните, морам да признаам, со жалење, скршнуваат од она што треба да биде кодекс на однесување и принципи на Владата. И за ова зборував, на последната седница на ЦК на партијата. Очигледно има и такви на кои фотелјата им стана помила од контактот со народот.

Добивам поплаки дека дел од министрите и директорите се недостапни за народот, а има и такви на кои приватните патувања им станаа помили од посетата на селата и градовите. Заборавија од каде дојдовме и како започнавме.
Еве јас, сакам да споделам од овде од Струмица, работа за која што до сега не сум зборувал. Пред отприлика 8, токму од овде, од Струмица, од еден објект, којшто за жал веќе не постои, кога бев избран за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, почнав со моите активности, со посета на месните комитети, со еден партиски автомобил, што неретко се расипуваше, со една наследена истрошена камера, со блокиран партиски имот и со двајца тројца околу мене. Но желбата за успех беше голема.
Ова време не треба да го заборави никој. И ова е порака дека нема да има толерирање занес во привилегиите што ги нуди власта. Ние сме овде да му служиме на народот. Чистиот образ тешко се одржува, а лесно се губи.
Кога јас можам да одговорам во текот на денот на стотици луѓе, на пораки, можеби ќе задоцнам по некој ден, може секој тоа да го прави, и секој заслужува одговор, овој стопати ми пратил, 101 ќе одговорите.
Честопати соработниците ми велат дека сум бил со многу мек карактер. Точно е. Јас на човек скоро и да не сум му повишил тон. Мојот праг на толеранција е огромен, кон секого се однесувам со почит и разбирање, бидејќи ги заслужува, тоа е впрочем и мојата домашна култура и воспитување , но тоа не значи, никако не значи, дека сум наивен и дека ќе толерирам несовесност и скршнување од принципите.
Не прифаќам оправдувања од ниту еден именуван функционер дека е уморен. Ако е уморен, чесно е да си оди. Ние сме тука да работиме и ќе работиме до последниот атом од силата, се додека не служи.
Сите отстапувања прецизно ги нотирам и ќе има промени. Тие промени треба да ги подобрат капацитетите и да го дадат максимумот од секој поединец. Секој сакам од вас да остане посветен на народот, достапен и чесен.
Ние не се тркаме со опозицијата. Тие одамна не се никаков репер. Ние се тркаме да бидеме подобри за народот, за оние луѓе коишто се со нас и кои што не поддржуваат. Но, и оние кои што не гласале за нас, кои што не гледаат, кои што воопшто не излегле на избори. Сите тие заслужуваат, да се арчиме, и да работиме секој ден за нив, и за нашата заедничка татковина Македонија.
Сега ќе работам на реконструкцијата на Владата, но она што можам во меѓувреме да го забележам е дека оние од опозицијата, можеби се единствен таков пример во светот, уплав имаат од избори. Кога ќе им спомнеш избори, уплав ги фаќа. Држат прес-конференции, лажат, манипулираат, се силат. Па ќе ги слушнете како ќе речат дека биле реконструирана, дека нови млади сили им се придружувале, се приклучувале, а кога ќе им спомнеш избори, одма држат прес-конференции и исплашени, бледи како крпа.
Сакам да им испратам една порака: да внимаваат што изјавуваат во однос на изборите, да не се силат, затоа што знаеме дека во себе носат, срце на кукавици, затоа што може и да им се оствари тоа што го посакуваат. А кога го гледам овој народ овде, пораката е јасна. Ние сме подготвени, подготвени сме за секое сценарио. ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата е подготвен за секое сценарио.
Мојата визија е Македонија да стане држава на можности, а не на изговори. Држава во која институциите работат за граѓаните, правдата важи за сите, а успехот се мери според знаењето, трудот и резултатите.
Сакам држава која не чека подобри времиња, туку сама ги создава. Земја која се движи напред со самодоверба, со јасна насока и со вера во сопствените можности.

Македонија мора да забрза. Не затоа што некој тоа го бара од нас, туку затоа што нашите граѓани го заслужуваат. И кога ќе нè прашаат што нè движеше во овие времиња, одговорот ќе биде едноставен: љубовта кон татковината. Љубов посилна од сите пречки. Вера посилна од сите сомнежи. И народ посилен од сите предизвици.
Македонија не застанува. Македонија не се предава. Македонија забрзува! Ова не е крај на еден собир. Ова е почеток на едно ново поглавје.
Поглавје во кое нема да зборуваме за пропуштени шанси, туку за нови успеси.
Ќе работиме повеќе. Ќе се бориме посилно. Ќе веруваме уште повеќе. И затоа, драги пријатели, кога ќе се изгаснат светлата од овој собир, кога ќе заврши музиката и кога секој од нас ќе се врати во својот дом, останува едно прашање: Што ќе оставиме зад себе?
Дали ќе оставиме уште една пропуштена шанса или ќе оставиме дело што ќе го паметат генерациите?
Нашиот народ низ историјата поминал низ многу искушенија, за денес да се плаши од предизвици. Премногу жртви се вградени во темелите на оваа држава за денес да дозволиме некој да нè убеди дека не можеме. Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци. Членови на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, другите политички партии неопределени. Премногу надеж има во очите на нашите деца за да се откажеме од иднината што ја заслужуваат.
Затоа вечерва не зборуваме само за политика. Вечерва зборуваме и за судбината на нашата генерација.
Зборуваме за тоа дали ќе бидеме поколението кое ќе се жали или поколението кое ќе создава. Дали ќе бидеме луѓето кои ќе бараат виновници или луѓето кои ќе градат решенија. Дали ќе бидеме сведоци на времето или творци на времето. Јас верувам во второто, да бидеме творци, да го создаваме времето.
Нема повеќе време за стоење во место, нема повеќе можности за враќање назад
Пред нас има уште многу работа. Ќе има и пречки. Ќе има и напади. Ќе има и обиди да се сопре ова движење. Но има нешто што е посилно од сè. Посилно од секоја лага. Посилно од секоја опструкција. Посилно од секој обид за поделба. Тоа е оваа бескомпромисна волја на народот. А кога народот ќе одлучи да оди напред, нема сила што може да го сопре. И ќе ја изградиме државата за која сонуваа нашите родители и која ја заслужуваат нашите потомци, нашите деца.

Нека се слушне силно од Струмица! Од Беласица до Шар Планина! Од Охрид до Делчево! Од Гевгелија до Куманово! Една татковина! Една заедничка иднина!
И нека запомнат сите: Народот е буден. Народот е исправен. Народот е решен. А кога народот е обединет, нема пречка што не може да се совлада, нема врв што не може да се достигне и нема сон што не може да се иссонува. Да живее ВМРО-ДПМНЕ! Среќен роденден ВМРО-ДПМНЕ! Бог да ја благослови Македонија!

Македонски



