
Неделава се очекува да почне трансформацијата на коалицијата „Влен“ во партија откако Алијанса за Албанците на Арбен Таравари одлучи да оди на претстојните локални избори со сопствени листи за советници.
Првиот вицепремиер и лидер на Демократско движење, Изет Меџити деновиве во интервју за Телеграфи Македонија на албански јазик нагласи дека од коалицијата „Влен“ ќе произлезе нов политички субјект на македонската политичка сцена. Тој информира дека новата партија ќе има заеднички штаб, информативен центар, заеднички кандидати, заедничка програма и листи на заеднички советници на претстојните локални избори.
Како што наведе Меџити и вчера во гостување на ТВ Сител обединувањето на партиите во Коалицијата Влен во една партија е одраз на барањата на гласачите присутни уште од самиот почеток, и оти многу лесно се одвива процесот на претопување во една партија, на кој, вели, очигледно се спротивставува Таравари.
Меџити потврди дека лидерите од коалицијата завчера имале средба во Струга на која било договорено новиот политички субјект да има Централно претседателство со 23 члена, Централно собрание, заеднички Централен штаб и локални штабови, заеднички медиумски центар. Во овој процес кој ќе се одвива во наредните десетина дена, треба да се формира работна група која ќе работи и на правните прашања околу формирањето на новиот политички субјект.
Во однос на тоа кој би бил претседател на партијата, тој кажа дека тоа најверојатно би можел да биде еден од тројцата лидери во коалицијата, но не исклучи можност и за нова личност.
– Идејата ни е да станеме нов политички субјект кој ќе биде поголемиот во албанскиот политички кампус, и во албанскиот кампус да има две опции – Влен и Европски фронт или Влен и ДУИ, кои носат плурализам и демократија, борба на платформи и идеи, проекти, потенцира Меџити.
Тој оцени дека доколку Таравари се решил за соработка со ДУИ, тоа треба и јавно да го обзнани, и етички е, вели, да ја напушти Владата.
Меџити очекува и на локалните Влен да биде апсолутен победник и по број на градоначалници и советници на советничките листи, бидејќи вели ќе понудат соработка и партнерство со невладиниот сектор и со најквалитетните Албанци, некаде ќе поддржат и независни кандидати ако се такви проценките, а како адут ги потенцира и вложувањата на власта од милијарда евра во проекти во локалните самоуправи.
Претседателот на Собранието Африм Гаши завчера во објава на Фејсбук напиша дека останува во коалицијата „Влен“ демантирајќи ги информациите објавени во некои медиуми дека излегува од коалицијата.
– Како пратеник во републичкото Собрание останувам лојален на гласачите кои ме избраа на изборите на 8 мај 2024 година. Значи, Африм Гаши е член на Алтернатива во коалицијата Влен. Како претседател на Собранието, се трудам да бидам еднаков за сите пратеници и пратеничките групи, бидејќи тоа ми го наметнува уставната одговорност и функцијата што ја извршувам, напиша Гаши.
Најавите на Меџити за нова партија следуваат само неколку дена по одлуката на Централното претседателство на Алијансата за Албанците, предводено од Арбен Таравари, кое одлучи на претстојните локални избори да понуди сопствени листи со кандидати за советници.
Таравари во изјава за „Стадион“ минатата недела нагласи дека повеќе не гледа простор за понатамошна соработка со Вреди и откри дека е во комуникација со лидерот на итегративците Ахмети и оти не ја исклучува можноста за соработка со ДУИ на вториот круг од локалните. Таравари рече и дека доправа ќе се одлчува дали ќе остане во Владата
-Со Ахмети не сум се сретнал, сум се слушнал по телефон. Начелно мислам дека треба да одиме сами, но не ја исклучувам можноста во втор круг некаде со ДУИ да се поддржуваме. Ние не сме родени во Влада. Ако сметат да бидеме во Влада ќе продолжиме, ако не – ќе одиме во опозиција. Генерално ние сме заинтересирани да продолжиме во Влада. Зависи од премиерот, рече Таравари.
И лидерот на ДУИ, Али Ахмети потврди дека имал краток телефонски разговор со министерот за здравтство и лидер на едно од крилата на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари.
-Како што изјави господинот Таравари, имав краток телефонски разговор и ништо повеќе, изјави претседателот на ДУИ, Али Ахмети, објави ТВ 21.
Ахмети ги повика лидерите на коалицијата „Влен“ да ги напуштат институциите и да не бидат, како што рече, слуга.
-Со ангажманот на политичките партии на Вреди во извршната власт, тие направија девалвација и ги понижија Албанците во Македонија. Континуирано ги повикувавме да ги напуштат институциите за да не станат дел од понижувањето, за да не бидат дел од девалвацијата на Албанците, рече Ахмети и посочи дека Таравари всушност сфатил дека позициите на Албанците во власта се понижувачки и дека тие се само слуга и тоа што ќе им каже агата тоа го прават.
Централното претседателство на Алијанса на Албанците на Арбен Таравари на 15 април во Тетово одлучи на претстојните локални избори да понуди сопствени листи со кандидати за советници. Како што изјави Таравари по седницата, оваа одлука нема да придонесе за промени, односно дека остануваат како партија во рамки на коалицијата „Влен“ и во состав на Владата.
На 16 април, по состанокот на лидерите и високи функционери на оваа коалиција беше истакнато дека „Влен“ смета дека одлуката за настап со одделни советнички листи за советници на Алијанса за Албанците предводена од Таравари е донесена во интерес на ДУИ чија суштина јавноста многу бргу ќе ја разбере.
„Влен“ не го исклучила од коалицијата Таравари, туку тој, според лидерот на Демократското движење Изет Меџити, се самоисклучил. Тој тогаш оцени дека оваа постапка на Таравари значи и проблем во Владата, но засега, кажа, нема одговор дали ќе бараат негово разрешување од министерската функција во здравство.
Дали и како поделбите во Вреди ќе се одразат врз функционирањето на владината коалиција, ќе се знае по средбите на премиерот Христијан Мицкоски со раководството на „Влен“ и со Таравари, кои се очекува да се одржат деновиве.