
Имаме можност конечно да го „отклучиме“ процесот за вистински почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ, порача денеска известувачот на Комитетот на надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) за земјава, Томас Вајц презентирајќи го Нацрт-извештајот на ЕП за земјава.
Извештајот е фокусиран на потребите активности и одлуки што треба да ги донесат Владата и Парламентот поврзани со уставните измени кои се на маса. Уставните измени значат вклучување на неколку малцинства во Уставот, и само сакам да разјаснам едно, ова е барање што Македонија треба да го исполни во согласност со барањата и стандардите поврзани со пристапувањето во ЕУ. Станува збор за уставни измени поврзани со законодавството на ЕУ, изјави Вајц, додавајќи дека мора да биде јасно оти на европскиот пат на земјата ова нема да бидат последните уставни измени што ќе треба да се направат.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, тој потенцира дека штом се спроведат уставните измени веднаш ќе може да започнат преговорите за членство и да се работи на неопходните теми и дебати.
Се надевам дека Владата и Парламентот ќе реагираат добро на ова и всушност ќе можеме да видиме уставните измени да се случат што е можно побрзо и да почнат преговорите. Мојот јасен впечаток е дека тоа е нешто што го сакаат огромно мнозинство во Европскиот парламент и огромно мнозинство во Владата и од населението во земјата, рече Вајц.
Според него, ваквата широка поддршка за евроинтеграцијата и дава можност на актуелната Влада да испорача согласно законодавството на ЕУ и да спроведе јасни реформи уште во текот на подготовките за преговорите, посочувајќи дека веќе е доста направено кога станува збор за владеењето на правото и борбата против корупцијата.
Медиумите се слободни да работат во рамките на нивните одговорности. Сепак гледаме странско влијание, како што гледаме и во многу други земји во регионот. Ни треба и малку поголема транспарентност кога станува збор за сопственоста на медиумите, но генерално земјата всушност е на добар пат, додаде Вајц.
Во однос на гласањето на земјава во ОН од пред две недели, Вајц истакна дека се надева оти Владата ќе ја преиспита својата позиција, додавајќи дека таквата постапка е во светлина на општата геостратешка ситуација во која „се наоѓаме ние Европејците“.
Мислам дека мора да ни биде јасно на сите оти е време да застанеме заедно за нашиот понатамошен развој и само заедно ќе бидеме силни, истакна Вајц.
Во објаснувачката изјава проследена со Нацрт-извештајот, Вајц наведува дека годините на неуспеси и неисполнети ветувања разбирливо доведоа до фрустрација, разочарување и континуиран пад на јавната поддршка за интеграцијата на Македонија во ЕУ, меѓутоа во овие времиња на големи промени во меѓународниот светски поредок, постои обновено чувство на итност и важна можност за унапредување на процесот на проширување на Унијата.
Сите политички чинители, особено пратениците од владејачката коалиција и Владата, мора да го искористат овој момент и да се вклучат во конструктивен дијалог за да се постигне консензус за уставните амандмани. ЕУ и нејзините земји членки мора целосно да го поддржат овој потфат, вклучително и со давање гаранции дека уставните измени нема да доведат до дополнителни билатерални барања, истакнува Вајц.
Тој нагласува дека со овој извештај има цел да даде балансирана проценка на сложениот политички контекст на Македонија, истовремено повикувајќи ги политичките чинители да ги унапредат реформите, да ги почитуваат минатите договори, а институциите на ЕУ и земјите-членки да спречат идни билатерални блокади и да и ги дадат на земјата потребните гаранции и поддршка.
Со успешната имплементација на Охридскиот рамковен договор, земјата стана пример во регионот за мирно решавање на етничките спорови преку дијалог и меѓусебно разбирање. Само четири години по потпишувањето на овој Договор, Македонија доби кандидатски статус во 2005 година и долго време беше фаворит во регионот. Земјата презеде импресивни и тешки реформи, вклучително и историска промена на името, но нејзиниот процес на пристап беше премногу долго попречуван поради билатералните спорови, потенцира Вајц.
Австрискиот европратеник од редовите на Зелените во изјавата додава и дека за да се надмине ветото на Бугарија за старт на пристапните преговори на земјава, во 2022 година ЕУ „ги вклучи барањата на Бугарија во заклучоците на Советот поврзани со пристапувањето на Македонија, при што ЕУ делуваше како гарант за нивното спроведување“.
Т.н. „француски предлог“, сепак, постави загрижувачки преседан, дозволувајќи пристапниот процес да се користи за решавање на културните и историските спорови. Иако овој договор на крајот доведе до укинување на ветото, одржување на првата Меѓувладина конференција на 19 јули 2022 година и почеток на скринингот, тој, исто така, бараше од Македонија да го измени својот Устав за да го вклучи бугарското малцинство во него. Скрининг сесиите за сите шесте кластери беа завршени до 7 декември 2023 година, а земјата ќе може да премине во следната фаза од преговорите откако ќе бидат усвоени уставните амандмани, истакнува Вајц.
Тој натаму нагласува дека земјава подготви „одлична и амбициозна“ реформска агенда, веројатно една од најдобрите во регионот.
Неговата ригорозна имплементација ќе ја врати земјата на вистинскиот пат, особено во клучните области, како што се борбата против корупцијата, обезбедувањето независност на судството, реформата на јавната администрација и подобрувањето на состојбата со слободата на медиумите, додава Вајц.
Сепак, според него, некои неодамнешни случувања, вклучително и одлуката на земјата да се воздржи од гласање за последната европска резолуција за Украина во Генералното собрание на ОН, а да ја коспонзорира резолуцијата на САД, „предизвикаа загриженост кај поддржувачите на Македонија во ЕУ за нејзината долгорочна траекторија“.
Искрено се надевам дека сите страни – властите во Македонија, институциите на ЕУ и соседните земји – ја препознаваат итноста на моментот и решително ќе дејствуваат за земјата да се придвижи напред, додава Вајц во изјавата.
Тој нагласува и дека е посветен на градење стабилен, конструктивен, проевропски и продемократски сојуз за поддршка на пристапувањето на Македонија во ЕУ.
Се надевам дека за тоа ќе ја добијам поддршката од секој член (на Европскиот парламент) кој ја дели оваа цел, додава Вајц во објаснувачката изјава за Нацрт-извештајот за земјава.
Инаку на предложениот текст на овој извештај европратениците имаат право да достават амандмани до 27 март, па неговата конечна верзија, по која би требало да се гласа на 13 мај, би можела да претрпи извесни измени.
На почетокот на расправата по Нацрт-извештајот, Вајц и претседателот на АФЕТ, Дејвид Мекалистер изразија најдлабоко сочувство за жртвите во трагедијата во Кочани.