Skip to main content

Taравари за паркингот: 50 денари не е многу, некои паркираат на Клинички и се шетаат низ Скопје приватно

Тендерот за изградба на катни гаражи на Клинички центар ги помина сите процедури, но се уште не е потпишан договорот со изведувачот, оти треба прво да помине на Влада, изјави министерот за здравство Арбен Таравари.

-Тендерот ги помина сите постапки како што треба. Значи нема нешто што е нерегуларно. Јас не знам зошто толку паника. Ние уште не сме го потпишале, треба да помине на Влада, па во Влада треба да се видат одредени филтри за сите потребни документи. Дека треба паркинг на Клинички центар тоа никој не го спори, што побргу да има толку подобро. Меѓутоа мене многу ми значи гласот на јавноста. Иако некои викаат дека ценатата од 50 денари (за час) била многу, јас мислам дека во повеќето градови 50 денари е паркинг, каде било. Ако го оставиме со многу ниска цена и тоа не е добро. Сега ни се случува, повеќе луѓе да се паркираат во Болница и да излезат приватно низ градот да се прошетаат, бидејќи е најевтиното паркинг место, изјави Таравари на новинарско прашање за паркингот за Клинички центар и дали ќе го поништи тендерот и кога ќе се реши хаосот со паркирањето по денешната посета на Општата болница во Велес.

Тој смета дека треба да се има предвид и дека ако се поништи тендерот тоа значи дека за нова тендерска постапка ќе помине уште барем една година. 

-Дека на Клинички му требаат нови катни гаражи тоа е неспорно, оти луѓето доаѓаат и трошат од 30 до 60 минути додека најдат паркин место.  Катни гаражи во Клинички е нешто што сме го ветиле како Влада, ако некому му пречи името на компанијата, мислам дека не е во ред. Меѓутоа повторно, многу ми значи гласот на јавноста и потоа ќе видиме, ќе процениме како Влада, па и како Министерство дали да продолжиме да го тераме процесот или да се вратиме од почеток и уште еднаш да објавиме тендер за катни гаражи во Клинички центар. Но треба да имаме предвид дека тоа ќе трае уште една година, односно од шест месеци до една година бидејќи е меѓународен тендер, а повеќе луѓе ми се жалат дека навистина многу им значи да имаме што повеќе нови паркинг места на Клинички центар, рече Таравари.

Поврзани вести