Skip to main content

Стручњаците од Градежниот факултет од Скопје ја потврдија критичната состојба на носечките елементи-столбовите на мостот на Вардар кај Башино Село

Претпоставката за критична состојба на носечките елементи – носечките столбови на мостот на Вардар кај Башино Село по последните  вонредни испитувања во саботата уште еднаш е потврдена од страна на стручњаците од Градежниот факултет при УКИМ од Скопје. Со тоа уште повеќе се потврдува и оправданоста  од донесената одлука за стопирање на сообраќајот на мостот од 4 јануари годинава потенцира за МИА, проф д-р Горан Марковски, декан на Градежниот факултет Скопје, кој ги предводеше вонредните испитувања на мостот, по што го  донесоа и техничкото решение  за негова итна санација кое е веќе доставено во Јавното претпријатие за државни патишта. 

Проф Марковски потенцира дека во техничкото решение за санација на мостот предвидува релативно брза интервенција  за оспособување на мостот за сообраќај, односно првенството треба да се изврши  зајакнување, санација на сите средни столбови на мостот, а пред се’ санација на оштетените носачи на мостот, кај коишто има сериозни оштетувања и на бетонот и има  кородирана арматура. Тој појасни дека тоа се неколку позиции на коишто треба да се делува главно во долниот дел од мостот.

Додава дека од нивна страна  е предложена  и методологија за работа и материјалите коишто треба да се користат за санација од страна на изведувачот. Појаснува  дека останува ЈПДП да ја спроведе постапката и да избере изведувач,односно што поскоро да се започне со санација на мостот.

Градежните стручњаци предвидуваат постоечкиот мост првично и што поскоро да се оспособи за сообраќај по едната лента од мостот, што ќе се регулира со семафор.

Откако ќе се изврши целосната санација, нашето наредно испитување ќе покаже дали ќе може да се дозволи користење на двонасочен сообраќај, појасни проф д-р Марковски.

Тој потенцира дека како решение кое го предлагаат како градежни стручњаци е еден подолготраен 24 часовен мониторинг на мостот, што ќе бидат пресуден за нивните понатамошни одлуки за користење на овој мост, односно дали ќе биде еднонасочен или двонасочен.

Воедно појаснува  дека насекаде во светот се прави подолготраен мониторинг за да се донесат релевантни заклучоци, за  понатамошна намена.на користење на мостот.

Според информацијата од  градоначалникот Марко Колев, изборот на фирма изведувач за санацијата од страна на ЈПДП  ќе се реализира по брза постапка,  за вакви итни случаи. Тој појасни дека законот дозволувал, за итни, стратешки важни и за неодложни состојби, и  без јавен повик, ЈПДП  да  спроведува постапка,со  можност да покани неколку фирми, кои ќе понудат услови и за седум дена да се избере изведувачот и веднаш да започне со санацијата на мостот.

Се очекува одговор од ЈПДП како ќе се спроведе постапката и кога ќе биде избран изведувач.

Сепак, трајно решене за велешани е изградбата на нов мост на Вардар на 50- тина метри подолу од постоечкиот  во населбата Речани на влезот во Велес, чија изградба  ја најави и премиерот Христијан Мицкоски при неодамнешната посета на Велес, дека по завршување на сите процедури ќе започне во средината на годинава.

Како што информираат за МИА од ЈПДП, во тек  е избор на фирма за проектирање на новиот мост на Вардар кај Башино Село, а  ако е таа успешна, потоа ќе  следи избор на изведувач.

Инаку претходно ревизија треба  направи Министерство за транспорт и врски, по што Владата ќе го даде зеленото светло за изградба на нов мост на Вардар, а кој во  овој момент е од најсуштествено значење на граѓаните и целата индустрија на Велес и регионот на Азот и пошироко.

Поврзани вести