Skip to main content

Собранието избра нови членови на Судскиот совет – Кадри Шахиновиќ и Јошевска Анастасовска

Телма

Професорката Арлинда Кадри Шахиновиќ и адвокатката Сузана Јошевска Анастасовска се избрани за нови членови на Судскиот совет од страна на Собранието, по предлог на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Тие ги пополнуваат испразнетите места по истекот на мандатите на Весна Дамева и Милјазим Мустафа.

Образложувајќи ги предлозите пред пратениците, Сиљановска-Давкова нагласи дека изборот е направен со цел да се донесат нови професионални профили во Судскиот совет и да се зајакне довербата во судството. Таа истакна дека кандидатките не се избрани поради родовата припадност, туку поради нивната стручност, интегритет и компетентност.

За Арлинда Кадри Шахиновиќ, претседателката изјави дека од неа очекува посветеност, почитување на поделбата на власта и цврста одбрана на независноста на судството.

„Верувам дека спремноста што самата ја истакна – одговорно, совесно и непристрасно извршување на функцијата – ќе ја реализира и во пракса“, рече Сиљановска-Давкова.

За Сузана Јошевска Анастасовска, таа потенцираше дека изборот е направен поради нејзиното долгогодишно искуство, професионален ангажман и јавна препознатливост.

„Ако сакаме да го реформираме судството, мораме да почнеме од органот кој ги оценува и избира судиите. Мислам дека таа е способна да придонесе во тој процес“, додаде претседателката.

Сепак, од пратеничката група на ДУИ беа изразени дилеми околу предложените имиња и искреноста на целиот процес, со образложение дека постои опасност од политичко влијание и усогласеност со ставовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, ги отфрли овие сомнежи, изразувајќи доверба во изборот на претседателката.

„Претседателката е правник и професор и не се сомневам во нејзиниот избор. Верувам дека се избрани вистински професионалци кои ќе придонесат во работата на Судскиот совет, доколку ја добијат довербата од Собранието“, рече Камбовски.

Јошевска Анастасовска е адвокатка со повеќе од две децении искуство и активен учесник во јавните дебати за правосудството, додека Шахиновиќ е вонредна професорка на МИТ Универзитетот во Скопје и членка на првата комисија за помилување формирана од претседателката Сиљановска-Давкова.

Поврзани вести