
Пратеничката група на ЗНАМ, со поддршка од пратениците од мнозинството, поднесе Предлог-закон за дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата по скратена постапка.
Со предложените измени се предвидува возачите кои поседуваат возачка дозвола од категорија „Б“ да добијат право да управуваат мотоцикли со автоматски менувач од категоријата „А1“. Станува збор за мотоцикли со зафатнина до 125 кубни сантиметри, моќност до 11 kW и сооднос сила/маса до 0,1 kW/кг.
Како што изјави пратеникот Павле Арсовски на прес-конференција, ова право ќе можат да го користат возачи кои имаат наполнето најмалку 23 години, поседуваат возачка дозвола од „Б“ категорија најмалку пет години и имаат завршено четиричасовна теоретска обука за безбедно управување со мотоцикли во автошкола. Оваа дозвола ќе важи исклучиво на територијата на државата.
Министерот за внатрешни работи ќе ја утврди содржината на обуката, формата на потврдата и начинот на евиденција на издадените потврди во рок од 15 дена од стапувањето на сила на законот. Автошколите ќе бидат задолжени да издаваат потврда за завршена обука и да го известуваат МВР.
Арсовски нагласи дека целта на законот е да се поттикнат граѓаните почесто да користат мотоцикли наместо автомобили при извршување на секојдневните обврски.
На новинарско прашање, тој додаде дека пратеничката група на ЗНАМ останува обединета и компактна.

Македонски



