Skip to main content

Сите сме гласни кога Русија ја негира Украина, а кога една членка на ЕУ го негира македонскиот идентитет, сите молчат, кажа Мицкоски во Минхен

Фото: Принтскрин

Kога Русија го напаѓа и го негира украинскиот идентитет, сите сме гласни, критикуваме и се бориме за правата на украинскиот народ и против оваа невидена агресија, но кога парламентот на една земја-членка на Европска Унија ги напаѓа и ги негира македонскиот идентитет и мојот мајчин македонски јазик, тогаш сите молчат, кажа премиерот Христијан Мицкоски на Минхенската безбедносна конференција, пренесува СДК.мк.

Тој збореше на настан посветен на пристапувањето на Балканот кон ЕУ и истакна дека македонскиот пат кон Унијата започна многу пред Албанија, дури и пред Хрватска, но за Македонија, системот на заслуги е бајка.

„За нас, бајката стана подвижна мета. Ние сме жртви на билатеризација, а нашето придвижување кон ЕУ е многу комплексно. Наместо да ја донесеме Европа до Балканот, ние го донесовме Балканот во Европа. За жал, има членки на ЕУ кои доаѓаат од Балканот кои донесоа билатерални спорови во Брисел, наместо бриселските вредности да ги донесат на Балканот“, рече Мицкоски.

Тој се осврна на говорот на американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс, кој ги нападна европските демократии и ја обвини Европа дека се оддалечила од своите суштински демократски начела.

„Слушам коментари дека говорот на Венс значел големо мешање во внатрешните работи. Промената на името, промената на знамето, промената на валутата што се? Не се мешање во внатрешните работи? Колку долго треба да патиме од двојните стандарди? Ние тука не зборуваме за процес заснован на системот на заслуги, ние зборуваме за билатерални спорови кои не треба да имаат ништо заедничко со европските вредности. Наш маркер останува да станеме дел од ЕУ“, рече Мицкоски и додаде дека Македонија има целосно усогласена надворешна и одбранбена политика со ЕУ.

Еврокомесарката за проширување Марта Кос кажа дека проширувањето би можела да биде најважната безбедносна гаранција.

„Проширувањето денес не е само под влијание на она што го прават САД, туку и на геополитиката. Имаме посебна ситуација, имаме надворешни сили кои нѐ разделуваат и сакаат да нѐ видат како неуспех. Европската унија станува се поважна. ЕУ е создадена за мир, слобода, безбедност и просперитет“, изјави Кос.

Поврзани вести