Skip to main content

Сиљановска-Давкова со честитка за Успение на Пресвета Богородица: „Да истраеме на патот на доброто“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Архиепископот охридски и македонски и на Јустинијана Прва, г.г. Стефан, до Светиот архијерејски синод, свештенството и монаштвото, како и до сите православни верници, по повод големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица.

Во честитката, претседателката порача дека празникот е потсетник на духовната сила, пожртвуваноста, истрајноста и мајчинската љубов на Пресвета Богородица.

„Денот на Успението на Пресвета Богородица е потсетник за вознесението нејзино со дух и тело и нејзиното застапништво пред Божјиот престол, за нејзината духовна сила, пожртвуваност, истрајност, доследност, за нејзината исконска мајчинска љубов“, наведува Сиљановска-Давкова.

Како што посочува претседателката, Пресвета Богородица како Мајка Божја и закрилница е длабоко вкоренета во срцата на христијанските верници и претставува духовна инспирација.

„Во време обременето со искушенија и премрежија, верувам дека ликот на Мајката Божја нѐ инспирира и храбри сите нас да истраеме на патот на доброто, градењето на заедништвото, грижата и солидарноста во заедницата, чувајќи и негувајќи го мирот во неа“, порача Сиљановска-Давкова.

Таа упати желба храмовите на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, како во татковината, така и во дијаспората, да бидат исполнети со верници сплотени во христијанската љубов и под закрилата на Пресвета Богородица.

„Посакувам на овој светол христијански празник, храмовите на Македонската православна црква, како во татковината, така и во дијаспората, да бидат исполнети со верници сплотени во христијанската љубов под закрилата на Пресвета Богородица. За многу години нека е големиот празник, Успение на Пресвета Богородица.“

Поврзани вести