
Во среда, 9 септември, со почеток во 20 часот во Културно информативниот центар – Скопје, ќе биде отворена изложбата „КОДОТ“ на Елена Галика и Христина Тарабунова.
Проектот се темели врз архивски материјали, оригинални примероци, фотографии, теренски записи и музејски збирки, со посебен фокус на капиталното двотомно дело „Македонски народни носии“ на проф. д-р Ѓорѓи Здравев.
Изложбата ќе биде проследена со презентација на македонски народни носии, а на отворањето ќе настапи фолклорниот ансамбл „Симбиоза“. Така, архивот, предметот и живиот изведбен чин се поврзуваат во единствено современо искуство.
КОДОТ
Македонскиот код е културен и визуелен систем во кој се препознаваат идентитетот, симболиката и естетската посебност на македонскиот народ.
Носијата е негов материјален и жив израз. Во везовите, формите, текстурите, симболите и гестовите се впишани регионалната разновидност и колективната меморија на македонскиот простор.
Изложбата „КОДОТ“ на Елена Галика и Христина Тарабунова ги издвојува овие елементи и ги преведува во современ визуелен јазик. Деталот станува слика, локалното добива универзална димензија, а традицијата се појавува како активна, современа форма.
Со своето истражување и документирање, Здравев даде суштински придонес кон зачувувањето и толкувањето на македонското народно творештво. За публикациите „Македонски народни носии I и II“, во 1997 година ја добива наградата „Гоце Делчев“ за особени научни остварувања од интерес за Македонија. Како костимограф, реализирал бројни театарски, телевизиски и филмски проекти, за кои е наградуван со повеќе престижни признанија.
Во негова чест, „КОДОТ“ го продолжува неговиот истражувачки и визуелен импулс, претворајќи го наследството од предмет на меморија во активен уметнички јазик.
Она што било локално — станува универзално.
Она што било носија — станува слика.
Она што било меморија — станува присуство.

Македонски


