Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими заменик-претседателот на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), Махмут Чевик.
На средбата се разговараше за работата на агенцијата во нашата држава, при што претседателката Сиљановска-Давкова изрази благодарност за долгогодишната поддршка и за реализираните проекти, како и за личниот придонес на заменик-претседателот Чевик во таа насока.
Претседателката Сиљановска-Давкова оцени дека Република Турција од првите денови на нашата независност е наш верен пријател и сојузник, кој ни дава поддршка во сите области, посочувајќи дека меѓу нашите две земји постојат одлични билатерални односи што се протегаат на сите полиња.
Меѓу значајните реализирани проекти на ТИКА, претседателката Сиљановска-Давкова посочи на реновирањето на повеќе училишта во земјата, реализацијата на програми за обука на медицински кадар, опремувањето на повеќе клиники и болници со современа медицинска апаратура, како и реализацијата на проекти насочени кон зголемување на учеството на жените и децата во општествениот живот.
Претседателката Сиљановска-Давкова укажа на важноста на проектите за примена на современи земјоделски техники и преземање економски активности во руралните средини, како и на активностите на Агенцијата во областа на социјалниот дијалог и соработката, организирањето културни настани за поттикнување дијалог меѓу различните етнички групи и др.
Овие активности, според претседателката Сиљановска-Давкова, се конкретен доказ за пријателските односи меѓу нашите две земји.
На средбата се разговараше и за идните планови на Агенцијата за реализација на повеќе проекти во земјата.
Во тој контекст, претседателката Сиљановска-Давкова ја истакна својата посветеност за натамошно зајакнување на билатералните односи меѓу двете држави.