Skip to main content

Шиповиќ со жестока критика кон раководството на СДСМ: „Ја украдоа партијата банда криминалци“

Мирослав Шиповиќ, член на СДСМ и поранешен претседател на Советот на Општина Центар во 2013 година, во периодот кога градоначалник бил Андреј Жерновски, јавно реагираше на состојбите во сениорскиот дел на Извршниот одбор на партијата.

Преку објава на социјалните мрежи, Шиповиќ изрази силно незадоволство од однесувањето на дел од актуелното раководство, обвинувајќи дека наместо чесна работа, визија и посветеност кон партијата, приоритет им се личните интереси и позициите на идните изборни листи.

„Длабоко сум потресен и емотивно вознемирен од сениорскиот дел на ИО на партијата. Се мој до мојега, загубар до загубар. Еден нема што чесно работел за партијата и има чесни намери. Има барем половина што се омрсиле кога биле на власт. Само ги интересира да бидат први на листа на следните парламентарни избори, затоа што еден мандат е сигурен“, напиша Шиповиќ.

Тој во статусот упати и остри квалификации кон поранешни партиски функционери, оценувајќи дека актуелната состојба во СДСМ е резултат на, како што наведува, долгогодишно погрешно и штетно раководење.

„Овие ја украдоа партијата од нас – банда криминалци“, стои во објавата на Шиповиќ, која предизвика реакции во јавноста и на социјалните мрежи.

Неговата реакција доаѓа во период на засилени внатрепартиски тензии и јавни несогласувања во СДСМ, поврзани со кадровските решенија и идниот политички курс на партијата.

Поврзани вести