Skip to main content

СДСМ: Граѓаните бараат внесување на Бугарите во Уставот, а Мицкоски ги активира Шилегов и Деспотовски да го растураат СДСМ

Од СДСМ денеска обвинија дека премиерот Христијан Мицкоски избегнува да даде конкретни одговори за, како што велат, клучните прашања и проблеми со кои се соочуваат граѓаните, а наместо тоа повторно се насочува кон, како што наведуваат, обиди за внатрешно слабеење на партијата.

Во соопштението од СДСМ посочуваат дека јавноста очекува одговори за законот за двојно државјанство, исполнувањето на реформската агенда до јуни, внесувањето на Бугарите во Уставот, укинувањето на техничката влада, новите задолжувања, инфлацијата, поскапувањето на горивата и основните производи, како и за падот на животниот стандард и сиромаштијата.

„Наместо да одговори на реалните проблеми на граѓаните, тој преку црни кампањи, закани со обвинителство и полиција, преку својата платформа и своите орбановски медиуми, повторно ги активира отпадниците, како Шилегов, Деспотовски и слични ‘реформатори’ кои всушност работат за обидот за растурање на СДСМ“, се наведува во реакцијата.

Од партијата додаваат дека повторно се активираат „стари приказни, стари играчи и исти методи“, со цел да се внесе немир во редовите на СДСМ, за која тврдат дека бележи раст и враќање на довербата кај граѓаните.

Во реакцијата, СДСМ оценува дека ВМРО-ДПМНЕ се наоѓа во „слободен пад“, тврдејќи дека партијата изгубила над 150.000 гласови поради неисполнети ветувања, економската состојба и корупцијата.

Од СДСМ тврдат и дека во позадина стои паника поради, како што наведуваат, истрагите во Унгарија поврзани со злоупотреба на кинески кредит, перење пари и медиуми блиски до унгарскиот премиер Виктор Орбан.

„Мицкоски и неговата криминална организација знаат дека времето им истекува. Затоа брзаат со изјави за предвремени избори и истовремено се обидуваат да ја дестабилизираат единствената опозиција“, велат од СДСМ.

Партијата порача дека нема да отстапи од своите политики и дека се подготвува, како што велат, да ја врати довербата кај граѓаните и земјата на европскиот пат.

„Не можете да ја застанете новата сила и новата енергија. Нема да отстапиме“, стои во соопштението на СДСМ.

Поврзани вести