Skip to main content

Реконструкција на Владата во мај или јуни, најави Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски вели во мај или јуни, за кога се планира реконструкцијата на Владата, ќе се знае дали и кој министер ќе замине од одредено министерство или ќе премине во друго.

Ние имаме принципелен договор како коалициски партнери во Владата, сите три политички структури, тоа се коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата „Вреди – Влен“ и политичката партија ЗНАМ. Најавивме дека во мај или јуни ќе имаме реконструкција во самата Влада и се разбира дека многу од прашањата за време и пред реконструкцијата ќе бидат ставени на маса и ќе разговараме за тоа – рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање дали ќе биде разрешен министерот Фатмир Лимани по објавувањето негова фотографија со лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Вели дека како владина коалиција имаат многу добра соработка и не гледа причина за коалирање со нови политички субјекти.

Како коалиција имаме исклучително коректна соработка и во моментот не гледам простор за коалициски договори и преговори со други политички субјекти, затоа што, ќе повторам, образот го чувате цел живот, а го губите само еднаш – рече Мицкоски по пуштањето во употреба на реконструираниот Регионален центар за средно стручно образование „Моша Пијаде“ во општина Тетово.

Поврзани вести