
Поранешниот градоначалник на Кавадарци, Панчо Минов, кој почина денеска, беше носител на независна листа за Локалните избори 2025.
Од Општинската изборна комисија Кавадарци информираат дека утрово добиле информација дека Минов починал, за што ќе ја известат Државната изборна комисија (ДИК).
„Утрово добивме потврдена информација. Сега ние ќе известиме до Државна изборна комисија. Има законски пропишана постапка, во случај на смрт на еден од кандидатите, особено носител на советничка листа. Мислам дека сѐ уште не се отпечатени ливчињата. Натаму, ќе ни кажат што, како да постапиме. Ваков случај првпат сега имаме“, рече Емилија Петровска, претседател на ОИК.
Како што е наведено во Изборниот законик, ако некој од кандидтите на потврдената кандидатска листа умре во периодот од денот на потврдувањето на кандидатските листи, политичката партија, односно коалицијата, која го предложила тој кандидат, може на негово место да предложи друг кандидат.
Доколку кандидатот е предложен од страна на група избирачи, посочено е во Изборниот законик, тогаш може наместо тој кандидат да биде предложен друг кандидат без собирање потписи во постапката за кандидирање, во период до 10 дена пред денот на одржувањето на изборите.
„Кандидатот кој починал ќе се избрише од кандидатската листа, а кандидатот со кој е дополнета кандидатската листа ќе биде ставен на местото на кое бил предложен починатиот кандидат или ставен на последно место на кандидатската листа, при што во тој случај редоследот на другите кандидати од
листата предложени на листата под кандидатот кој починал се поместуваат за едно место погоре. Ако кандидатот кој починал е носител на листа, листата ќе се дополни на начин утврден во ставот (2) на овој член, а носител на листата ќе стане кандидатот од кандидатската листа предложен од предлагачот на листата. Кандидатската листа дополнета со нов кандидат согласно со ставовите (2) и (3) на овој член се објавува на начин утврден со овој закон за објавување на единствената листа во рок од 24 часа од денот на дополнувањето на кандидатската листа. Ако некој од потврдените кандидати на кандидатските листи умре во период пократок од десет дена пред одржувањето на изборите, кандидатската листа останува во сила“, се вели во Изборниот законик.