Skip to main content

Перински: Старт на нов Интеррег проект „Зелено за добро“

Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, имаше обраќање во Струмица на првата прес-конференција на проектот „Зелено за добро“, кофинансиран од Европската Унија и националните фондови на земјите учеснички преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка со Грција 2021–2027.

„Особено ми е драго што повторно за релативно краток период зборуваме за проект кој директно придонесува за заштита на животната средина — тема што е од исклучителна важност, особено во зимските месеци кога предизвиците со квалитетот на воздухот се најизразени“, истакна министерот Перински.

Проектот „Зелено за добро“ има за цел намалување на загадувањето и подобрување на квалитетот на воздухот преку чиста енергија и одржлива мобилност, промоција на обновливи извори на енергија и паметно управување со енергијата, развој на зелена урбана инфраструктура и зајакнување на прекуграничната соработка.

Вредноста на проектот за македонските партнери изнесува 673.228 евра, при што Министерството за локална самоуправа обезбедува национално кофинансирање од 134.646 евра.

Министерот нагласи дека потребите на граѓаните од двете страни на границата се слични и дека токму ваквите партнерства овозможуваат подготовка и реализација на заеднички проекти кои одговараат на реалните предизвици на терен.

На првиот повик на Програмата Интеррег VI-A ИПА за прекугранична соработка со Грција беа одобрени вкупно 19 проекти. Во Македонија има 36 корисници кои учествуваат во нивната реализација, со вкупен буџет од 8.661.751 евра, од кои 6.929.401 евра се финансирани од Европската Унија, додека пак 1.732.350 евра се национално кофинансирање.

Перински го спомена и стратешкиот проект BorPres2 имплементиран во рамки на оваа Програма, поврзан со граничниот премин Маркова Нога, оценувајќи го како иницијатива од исклучително значење за подобрување на поврзаноста, мобилноста и економската соработка меѓу двете држави.

Министерството за локална самоуправа останува силно посветено на поддршка на зелената транзиција, јакнење на локалните капацитети и максимално искористување на можностите што ги нудат европските програми.

Поврзани вести