Дејноста на Свети Климент Охридски лежи во темелите на постоењето и културната доблест на македонскиот народ. И по повеќе од 11 века, делото, мислата и поуките на светителот, имаат ист сјај, со кој ни го осветлува патот кон иднината, а тоа е беспрекорно морално однесување, крајна човечка доследност, издржливост, исполнителност и беспоговорна чистота на замислата и творбата. Тоа го истакна градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков на вечерашната свечена академија по повод патронот и заштитник на градот, Свети Климент Охридски што се одржа во центарот за култура „Григор Прличев“.
Свети Климент, нагласи, е првиот словенски епископ, создавач на кирилицата и основач на првиот словенски универзитет во Охрид, во кој обучил 3.500 ученици да ја шират верата и просветата. Заедно со Свети Наум, ги основале првите словенски манастири како културни и животни центри. Напоредно со величенственото дело, импозантно е неговото лично беспрекорно однесување. Бил одличен организатор, плодотворен творец, беседник и писател, силен педагог.
– Неговата љубов за Охрид е ненадмината, над кого воспоставил Божји благослов, кој го чувствуваме и денес. Свети Климент не е само најумниот и најдобриот од сите нас, туку, според временската линија, делото, доблеста, угледот и влијанието врз нашиот развиток, тој е првата личност кај македонскиот народ. Тој е првиот и најдобар етичар во нашата култура, забележа Пецаков.
Потсети на Светиклиментовите поуки дека нема ништо полошо од морална несвесност, нема спасение од моралната пропаст, бидејќи неморалноста е спротивна на човечноста. Свети Климент, нагласи, јасно и недвосмислено ни ја дава најважната поука и порака „тргај се од злото и прави добро“, што претставува наш македонски категорички императив.
– Деновиве звукот на камбаната од Плаошник празнично бие, за да не потсети на едно дамнешно време, кога нашиот Свети Климент ги просветувал и просветлувал луѓето и бил нашата најчиста поврзаност со Бога. Ние охриѓани, веруваме дека и денес Свети Климент се уште со фенер во рацете шета низ Охрид и го чува нашиот град и сите нас. Затоа како народ треба да бидеме вечни чувари на Светиклиментовото дело и како што не учи нашиот светител: да го прославуваме Господа наш со добри дела и да се надминуваме еден со друг со добрина, подвлече Пецаков.
На свечената академија беа врачени највисоките општински признанија патрон на градот Св.Климент Охридски на проф. д-р Павле Митрески и повелбата – патрон на градот „Свети Климент Охридски“ на Клубот за подводни дејности Охрид и здружението на граѓани НАТГ „Аматер“ – Охрид (Културолошка Иницијатива 5 до 12).