
По предлог на градоначалникот Валбон Лимани, Општина Гостивар денеска одобри финансиска помош во износ од 1.000.000 денари за семејствата на жртвите и повредените во трагедијата во Кочани.
Одлуката беше донесена на вонредна седница на Советот на Општината, која започна со едноминутно молчење во чест на 59-те животи загубени во трагичниот пожар на 16 март.
„Трагедијата во Кочани е голема рана, но и предизвик што нè упатува да бидеме пообединети. Му се заблагодарувам на Советот на Општината што го поддржа мојот предлог да се придонесе со 1 милион денари за семејствата на погодените. Нивната болка секој ден е во нашите срца“ – нагласува Валбон Лимани.
Советот на Општина Битола на вонредна седница донесе одлука од локалниот буџет да издвои два милиони денари, финансиска помош за семејствата на починатите и за повредените лица во пожарот што се случи во Кочани.
Членовите на општинскиот совет и градоначалникот Тони Коњановски со минута молчење оддадоа почит на загинатите лица, а потоа посакаа брзо заздравување на повредените кои во моментов се лекуваат во државата и странство.
– Битола сочувствува со болката на семејствата на починатите. Нашиот град секогаш е солидарен и затоа во оваа прилика се издвојуваат еден милион денари како финансиска помош и за повредените исто така еден милиони за повредените, посочи Габриела Илиевска, претседателка на Совет на Општина Битола.