Skip to main content

Николовска: Владата овозможува вработување за уште 300 приватни специјализанти и зголемување на платите во здравството

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука за вработување на преостанатите 300 приватни специјализанти до крајот на 2026 година, со што се заокружува предвидената бројка од вкупно 600 специјализанти, изјави на денешната прес-конференција пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Александра Николовска.

Според неа, фокусот при ова вработување ќе биде ставен на здравствените установи надвор од главниот град.

Приоритет ќе имаат општите и хируршките болници надвор од Скопје, како и дефицитарните медицински профили. Тоа значи дека ќе го јакнеме здравствениот систем таму каде што има најголема потреба. Процесот ќе продолжи преку обновување на повикот и изразување интерес од кандидатите кои останаа надвор од првиот бран на вработување. И ова е сериозна поддршка за младите лекари. Но уште поважно ова е инвестиција во иднината на македонското здравство“, посочи Николовска.

Таа додаде дека целта е граѓаните од сите градови и региони да добијат пристап до квалитетни специјалистички услуги во нивните места на живеење.

Граѓаните од Штип, Тетово, Кичево и другите градови и региони мора да имаат пристап до специјалистичка здравствена услуга во своето место, а не да бидат принудени за секој преглед или интервенција да патуваат во Скопје. Со вработувањето на овие специјализанти им даваме перспектива на младите лекари, но истовремено обезбедуваме и посилни јавни здравствени установи низ целата држава“, рече пратеничката.

Покрај кадровските подобрувања, Николовска ги образложи и планираните покачувања на платите во јавниот здравствен сектор кои, според потпишаните договори со синдикатите, треба да надминат 40 проценти.

Овој раст е резултат на договорите што Владата ги потпиша со репрезентативните синдикати и е предвиден како долгорочен процес. Само во 2024 година средствата за плати во здравството се зголемија за 10% додека за 2025 година беше предвидено дополнително зголемување од 5% а за тековната 2026 година од 5 до 7%. Средствата за плати во здравството за следната 2027 година предвидено е да се зголемат за уште 5 до 7% додека за 2028 година од 7 до 10%. Тоа значи дека во периодот опфатен со договорите растот на платите во здравството ќе надмине 40%“, изјави таа.

Николовска нагласи дека посебно внимание им се посветува на медицинските сестри и средниот медицински персонал.

Особено внимание посветуваме на медицинските сестри и средниот медицински персонал кои секојдневно се на првата линија во грижата за пациентите кои на крајот од 2024 година добија нето покачување од 3850 денари. Нашите здравствени работници заслужуваат подобри услови за работа, повисоки плати и сигурна професионална перспектива, затоа што здравствените работници се инвестиција во здравјето на секој граѓанин“, заклучи Николовска.

Поврзани вести