
Владата не треба да добие позитивно мислење од Советот на јавни обвинители за да го разреши републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, но за да именува обвинител на негово место до Собранието треба да предложи кандидат кој претходно треба да добие позитивно мислење од Советот на јавни обвинители, пишува Слободен Печат.
Според Законот за јавно обвинителство, донесен во 2020 година, Владата треба да го испрати предлогот за разрешување на Коцевски до Советот на јавни обвинители, а Советот има рок од 15 дена да даде свое мислење.
Ако Советот на јавни обвинители од оправдани причини не достави мислење до Владата, рокот се продолжува за уште 15 дена. Ако и во овој рок Советот на јавни обвинители не достави мислење, се смета дека не го поддржува предлогот на Владата. Од Советот веќе изјавија дека ќе постапуваат согласно Законот, но сепак, какво мислење и да даде Советот на јавни обвинители, доколку власта го има потребно мнозинство за да изгласа недоверба кон Коцевски, републичкиот обвинител ќе биде разрешен.
За разлика од постапката за разрешување на обвинителот, за којашто мислењето на Советот не го менува епилогот, односно и со негативно мислење на Советот постапката во Собрание продолжува, при именувањето на обвинителот, новиот кандидат кој ќе го предложи Владата задолжително ќе треба да добие позитивно мислење од Советот на јавни обвинители. Законот предвидува обврска за Советот на јавните обвинители да даде мислење по предлог на Владата како за разрешување, така и за именување на јавниот обвинител, објаснуваат од Коалицијата „Сите за правично судење“.
Следствено на ова, Советот на јавните обвинители, откако ќе го прими барањето од Владата, има обврска во рок од 15 дена да достави образложено позитивно или негативно мислење во писмена форма за сите пријавени кандидати на огласот коишто ги исполнуваат условите согласно закон. Оттука, Владата до Собранието доставува предлог за именување јавен обвинител на РМ од пријавените кандидати за кои Советот на јавни обвинители на РМ дал позитивно мислење – објаснуваат оттаму.
Законот регулира уште две дополнителни ситуации. Доколку Советот на јавни обвинители од оправдани причини во рамки на овој рок од 15 дена не достави мислење до Владата, рокот се продолжува за уште 15 дена. Доколку не е доставено мислење ниту во овој продолжен рок, во тој случај се смета дека мислењето е позитивно.
Исто така, доколку Советот на јавни обвинители не даде позитивно мислење за ниту еден до пријавените кандидати, Владата не може да утврди предлог за именување на јавен обвинител на РСМ, по што има обврска да му предложи Собранието да го повтори огласот. Имајќи ја предвид претходно наведената постапка, позитивно мислење од Советот на јавни обвинители е задолжително – објаснуваат од Коалицијата толкувајќи го Законот.
Владата го испратила предлогот за разрешување на јавниот обвинител до Советот на јавни обвинители во четвртокот, но од Советот нема информација дали стигнал до нив.
Целиот текст на Слободен печат