Skip to main content

Над 3.100 лица се затруени од водата во Гостивар, денеска заседава Комисијата за заразни болести

Досега се регистрирани околу 3.100 здравствени контакти во Здравствениот дом и Општата болница во Гостивар, но од 19 јули е забележано првото намалување на бројот на приеми, информираше денеска министерот за здравство Сашо Клековски на прес-конференција во Владата.

Вчера беше прогласена епидемија во Гостивар, откако на 17 јули водата беше забранета за пиење и друга употреба. Во петокот беше соопштено дека во главниот цевковод на водоводната мрежа, на диво, без одобрение поставена е пумпа која директно вбризгува вода од реката Вардар во овој водоснабдителен систем. Водата во Гостивар и натаму е забранета за пиење и друга употреба.

Клековски посочи дека Центарот за јавно здравје Тетово ја прогласил епидемијата поради повеќе од двократно зголемување на случаите од вообичаениот број. Додаде дека по добивање согласност од Обвинителството, резултатите за причинителот јавно ќе бидат соопштени.

Првата информација во Министерството за здравство стигна е во петок во 13:00 часот, кога се јавува надлежниот Центар за јавно здравје и информира за состојбата. Во сабота веќе во 10:00 часот јас бев во посета на Општата болница во Гостивар. Клиничката слика останува иста, значи немаме промени кај пациентите. Таа е клиничка слика со стомачни проблеми, поретко со треска, со температура. Понатаму се вршат неопходните истражувања, значи лабораториски, кај сите што се јавиле во Општата болница. Мислам дека досега се земени 15 копрокултури. Епидемиолошки анкети и тие податоци се проследуваат сите заедно од Институтот за јавно здравје и од Комисијата за заразни болести. ​Денеска во 10:00 часот Комисијата за заразни болести почна своја седница, ќе имаме препораки и нивно мислење нешто понатаму, изјави Клековски.

Директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска, рече дека во Гостивар останува целосната забрана за користење на водата.

Агенцијата за храна и ветеринарство издаде наредба за забрана за користење на водата во Гостивар, што подразбира целосна забрана, и до моментот додека нема други насоки, Институтот за јавно здравје исто така се држи до овој став – рече Андоновска.

Таа појасни дека стручни екипи веднаш по барањето на Обвинителството зеле примероци од четири локации за микробиолошка и физичко-хемиска анализа. Како што посочи Андоновска, сите анализи се веќе завршени и се предаваат на истражните органи.

Не е важно само да се одреди која е причината, туку многу поважно е да се утврди и одговорноста, изјави Андоновска.

Владата упати апел до граѓаните да ги почитуваат препораките на надлежните здравствени институции и да се информираат исклучиво преку официјалните канали, со цел да се обезбедат навремени и точни информации.

На денешната прес-конференција, портпаролката на Владата, Марија Митевска истакна дека институциите постапуваат брзо и одговорно, со очекување за целосно расчистување на случајот и утврдување на сите околности.

За надминување на состојбата со водоснабдувањето во Гостивар, каде што е прогласена локална епидемија, Владата од денеска обезбедува по 50.000 литри вода за пиење дневно за населението, додека Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) ги заврши анализите кои во текот на денот ќе ги предаде на Јавното обвинителство.

Дистрибуцијата на водата се реализира преку Службата за општи и заеднички работи на Владата (СОЗР). Директорот на институцијата, Ивица Томовски, истакна дека државата е во постојана координација со сите надлежни органи и внимателно го следи развојот на настаните.

Поврзани вести