Министерот за европски прашања на Република Македонија, Орхан Муртезани, на првиот ден од работната посета на Брисел, оствари средби со европратениците Тајс Ројтен (С&Д) и Матеј Тонин (ЕПП), известители во сенка за Македонија.
На средбите беше потврдена силната поддршка од Европскиот парламент за европската перспектива на Македонија. Европратениците ја истакнаа важноста на реформите и динамиката на пристапниот процес, како и потребата од градење стабилни односи со сите земји-членки на Унијата. Беше нагласено дека продолжувањето на интегративниот пат зависи од заедничките напори и конструктивен пристап во решавањето на предизвиците на европскиот пат.
Министерот Муртезани изрази благодарност за континуираната поддршка и ја потенцираше посветеноста на Македонија кон европската агенда. Тој истакна дека земјата останува активен партнер во процесот на пристапување и очекува предвидлив и праведен пристап од страна на Европската Унија.
Посетата на министерот Муртезани во Брисел продолжува со низа состаноци со претставници на институциите на Европската Унија.