Skip to main content

Муцунски: Војната во Украина е најсериозниот предизвик за европската и евроатлантската безбедност по Студената војна

Во регионот на Западен Балкан сведочиме на засилени активности на злонамерни актери кои настојуваат да ги нарушат демократските процеси преку економски притисоци, политички влијанија и дезинформациски кампањи, порача министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, на отворањето на регионалната конференција „Стратегиските приоритети на НАТО, ЕУ и Југоисточна Европа во мултиполарниот меѓународен поредок”, организирана од Фондацијата Конрад Аденауер во соработка МНРиТ, и поддршка на Центарот за Европски студии Вилфрид Мартенс од Брисел.

Тој нагласи дека антизападните наративи кои се јавуваат во делови од регионот имаат за цел да ја ослабнат довербата во институциите и да го доведат во прашање европскиот и евроатлантскиот курс. Според Муцунски, овие трендови бараат интензивна, долгорочна и координирана реакција и од НАТО и од Европската Унија.

„Нашето барање е обезбедување на долгорочна стратегија од НАТО и ЕУ за регионот, која ќе резултира со целосна интеграција на земјите од Западен Балкан во структурите на НАТО и ЕУ“ рече Муцунски.

„Денес живееме во геополитичка средина во која заканите се динамични, меѓусебно поврзани и најчесто непредвидливи. Рускиот агресивен милитаризам, засилен со хибридни и кинетички закани насочени кон сојузниците, продолжената закана од тероризмот, системскиот предизвик од подемот на Кина, како и хибридните операции и кибер-нападите, ја редефинираат стратешката рамка врз која НАТО ги темели своите политики и одговори. Овие фактори не се само безбедносни предизвици, туку суштински дипломатски предизвик за зачувување на меѓународниот поредок заснован на правила, изјави Муцунски.

Војната во Украина, нагласи Муцунски, е најсериозниот предизвик за европската и евроатлантската безбедност по Студената војна.

„Ревизионистичките цели на Москва, поддржани од нејзините овозможувачи бараат јасен, координиран и принципиелен одговор, заснован на единство и долгорочна стратешка усогласеност. Заедно со нашите сојузници, ги усогласуваме дипломатските, политичките и одбранбените напори за да обезбедиме одржлива и кредибилна поддршка за Украина, паралелно со охрабрување на напорите за праведен и траен мир. Овие два процеси не се спротивставени, напротив, тие се меѓусебно комплементарни. Ги поздравуваме напорите на САД и администрацијата на претседателот Трамп, како и на другите европски сојузници за изнаоѓање на процеси кои ќе донесат долгорочно мировно решение за Украина, изјави Муцунски.

Сепак, како што посочи Муцунски, четири години по почетокот на инвазијата, последиците врз европската стабилност се значајни и во такви околности, обврска и висок приоритет е на сите демократски држави да демонстрираат единство и решителност.

„Одговорот на Алијансата, преку операцијата Источна стража, е силна порака за кредибилитетот на НАТО дека секој дел од територијата на сојузниците ќе биде заштитен без исклучок. Нашата држава, покрај зајакнатиот воен придонес во својот регион, во мисијата КФОР на Косово и во мисијата Алтеа во Босна и Херцеговина, со гордост придонесува и за јакнење на источното крило на НАТО преку присуство на нашите воени сили во Латвија, Романија и Бугарија. Демонстрирајќи дека и малите сојузници имаат клучна улога во придонесот во колективната безбедност. Паралелно, остануваме посветени на понатамошна поддршка за Украина, согласно нашите капацитети и можности. Тоа го правиме континуирано со веќе доставени 15 пакети помош, како и со тренинзи и обуки за украинските сили, изјави Муцунски.

Истовремено, како што рече Муцуснки, се соочуваме и со долгорочен системски предизвик кој го претставува Кина. Нивниот економски раст, технолошките амбиции, нетранспарентните воени капацитети и специфичните односи со Русија, според Муцунски, бараат внимателна проценка, координација и усогласена реакција во рамките на НАТО и Европската Унија.

„Градењето заедничка отпорност во енергетиката, критичните материјали и инфраструктурата стануваат клучна компонента на нашата колективна безбедност, нагласи Муцунски.

Покрај тоа, Муцунски посочи дека мораме да ги адресираме и заканите поврзани со Блискиот Исток, климатските промени, нестабилните општествени случувања во земјите од овој регион, миграциите, како и злоупотребата на хибридни алатки, кибер-напади и дезинформациски операции се само дел од предизвиците придонесуваат за нестабилноста на овој важен регион за сите нас во Европа.

Конференцијата собира на едно место високи државни чинители и експерти од областа на безбедноста и меѓународните односи од земјата, регионот како и ЕУ, кои заеднички ќе дискутираат за актуелните безбедносни предизвици кои ги засегаат НАТО, Европската Унија и регионот, земајќи ги во предвид неизвесните и сè подинамични геополитички предизвици.

Свои излагања во рамки на конференцијата, како што е најавено, ќе имаат и заменик генералниот секретар на НАТО Радмила Шеќеринска (видео обраќање), амбасадорката на Соединетите Американски Држави Ангела Агелер, амбасадорката на Сојузна Република Германија Петра Дрекслер, потпретседателот на Собранието и пратеник Антонио Милошоски и пратеничката во Парламентот на Република Хрватска Здравка Бушиќ.

Поврзани вести