Skip to main content
49yg-iHOH8c

Митева: Одлуката за разрешување на Коцевски е поради направени крупни професионални грешки и изнесување на информации за судски предмети

МИА архива

На денешната 134. владина седница беше усвоен предлогот за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, со што продолжува постапката што беше привремено прекината за време на изборниот период поради законските ограничувања.

Од Владата истакнуваат дека причините за иницијативата се јавно познати и повеќепати образложени, при што се нагласува дека одлуката е донесена во насока на заштита на институционалниот интегритет и јакнење на правната држава.

Според образложението, Владата, врз основа на член 88 став 1 од Законот за јавно обвинителство и по добиено мислење од Советот на јавни обвинители, му предлага на Собранието да го разреши Коцевски поради „крупни професионални грешки“ при раководењето со институцијата. Наведено е дека тие пропусти довеле до нарушување на ефикасноста и функционалноста на Јавното обвинителство.

Дополнително, како причини се наведуваат и неовластено споделување информации и податоци за судски предмети, што претставува повреда на обврската за заштита на тајноста на постапките, како и нарушување на угледот на институцијата.

Во документот се посочува и дека непостапувањето согласно обврските утврдени со Уставот, законите и меѓународните договори резултирало со нарушена функционалност и интегритет на Јавното обвинителство. Според член 27 став 1 од Законот за јавно обвинителство, токму јавниот обвинител е одговорен за општата состојба и организацијата на работата на институцијата.

Со ваквото постапување, се додава во објаснувањето, Коцевски ја повредил и законската должност за зачувување на угледот на функцијата, утврдена во член 82 став 1 од истиот закон.

Владата препорачува Собранието да го разреши Љупчо Коцевски од функцијата државен јавен обвинител.

Поврзани вести