Skip to main content

Министерството за спорт за една година исплатило 20 милиони евра директна помош за македонскиот спорт

Министерство за спорт / Ристовски: Ова е само почеток. Ја поставивме основата, ја враќаме довербата и сега ја носиме обврската да продолжиме уште поодлучно

Министерството за спорт во првата година од своето постоење исплатило 20 милиони евра директна финансиска поддршка за македонскиот спорт, покажува годишниот отчет презентиран денеска од министерот Борко Ристовски.

Како што информираше Ристовски, во рамки на оваа сума, исплатени се 550 милиони денари заостанати субвенции од претходната власт, како и 440 милиони денари како прв дел од субвенциите за 2025 година. Дополнително, доделени се 500 стипендии „Спортска надеж“ за млади талентирани спортисти, а 22 истакнати спортисти добиле Национално спортско признание.

Кога го формиравме Министерството за спорт, целта беше спортот во Македонија да го добие заслуженото место како една од најважните општествени области. Една година подоцна, можам слободно да кажам дека ја остваривме првичната цел и поголем дел од тоа што го зацртавме како приоритет, истакна министерот за спорт, Борко Ристовски, на денешната прес-конференција на која беше презентиран годишниот отчет за првата година од формирањето на Министерството за спорт.

Во делот на спортската инфраструктура, Министерството реализирало 15 новоизградени мултифункционални игралишта, 15 реконструирани спортски центри низ државата, целосна реконструкција на спортски сали во Радовиш и Ново Село и изградба на нова атлетска патека во Гевгелија.

Во тек се реконструкции на сали во „Расадник“ – Скопје (завршува во октомври), Воената академија – Скопје и Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.

Министерот информираше и дека е откочена изградбата на пет базени во Скопје (Кисела Вода и Ѓорче Петров), Кичево, Битола и Штип, кои ќе бидат пуштени во употреба до крајот на летото. Воедно, дополни дека е продолжена и изградбата на базенот во Охрид.

Ова е само почеток. Ја поставивме основата, ја враќаме довербата и сега ја носиме обврската да продолжиме уште поодлучно. Ќе продолжиме да го јакнеме спортот, да ги вреднуваме резултатите, да ги почитуваме спортистите и спортските работници и да промовираме вистински вредности. Со една и единствена цел спортот да го направиме достапен за сите, македонскиот спорт да го подигнеме на повисоко ниво, македонските спортисти гордо и достоинствено да ја претставуваат Македонија на спортските терени, посочи министерот Борко Ристовски.

Реализацијата на капиталните инвестиции до крајот на 2024 година изнесувала 98,26 проценти, а во првите шест месеци од 2025 година е постигната реализација од 74,32 отсто.

Поврзани вести