На последната владина седница е усвоен договорот во кој што треба јасно да се прецизира обврската на страните за железничкото поврзување со Бугарија, соопшти премиерот Христијан Мицкоски, порачувајќи дека е потребна јасна посветност од бугарската страна дека Коридорт 8 е приоритетот.
На последната владина седница е усвоен Договорот во кој што треба јасно да се прецизира обврската на страните во случајот. А тоа е дека македонската страна презема обврска да го изгради делот од Крива паланка до влезот во тунелот. Тунелот да има влез и излез, а не влез и до половина да застане, што ќе биде заеднички проект. Потоа да се изгради делницата од Ѓуешево до приклучокот со националната железница на соседна Бугарија, тоа се два-три километри, а потоа Бугарија да побара средства од ЕУ или не знам како, кредит или било што, со што ќе ја модернизира делницата од таа точка до Софија за да можеме да имаме функционална целина. А за железничка линија од Куманово до Крива Паланка со втората делница од пругата со Бугарија, ние ќе ја завршиме таа делница, со која што ќе ги поврземе овие два града. Да сумирам – потребен е јасен коминтмент, јасна посветеност, јасно врзување од бугарската страна, дека навистина тоа што го потпишаа во Вашингтон а тоа е приоритетот Коридорот 8 дека тоа сакаат навистина да го видат, рече Мицкоски на денешниот брифинг со новинарите во Клуб на пратеници во Скопје.
Премиерот потенцира дека треба да се разговара со Владата на Албанија за да се види како планираат тие со изградбата на делницата од Драч до границата со Македонија која е дел од Коридорот 8, бидејќи, како што рече, целта на Коридорот 8 е да ги поврзе Црното со јадранското Море. Посочи дека тоа е целта, а не само поврзување на Крива Паланка со Куманово.
Коридорот 8 не подразбира железничко поврзување на Крива Паланка со Куманово. Коридорот 8 подразбира железничко поврзување од Бургас до Драч. Тоа е Кордидорот 8. Сакам ова да биде јасно. Ако некој мисли дека Коридорот 8 е да потрошиме пола милијарда евра за да ги поврземе Крива Паланка и Куманово, не. Тоа е само пет до седум проценти од вкупната должина на Коридорот 8 кој треба да ги поврзе Бургас и Драч. Во спротивно, јас ќе бидам како овие пред мене, ќе ги потрошам парите, ќе начекаме изведувачи кои случајно имаат адреса на компанијата која е иста со адресата на една опозициска политичка партија. Ако го видите списокот на подизведувачи на моменталните изведувачи, многу лесно ќе ги поврзете со денешната опозиција а тогашна Влада. И тогаш што сме направиле? Ќе речете вие, исти се и овие, ништо не се различни. Јас сакам да видам проект во кој што навистина ќе потрошиме пари, ваши пари, на народот, но барем ќе имаме некаков бенефит од тоа, односно нешто вие ќе добиете, рече Мицкоски.
Премиерот информира дека направена е работна група од наша страна составена од министерот за транспорт, министерот за надворешни работи, министерката за финансии и директорот на Македонски железници – Инфраструктура. Тој очекува иста таква група од највисоко ниво да биде формирана и од бугарската страна за да почне работата на ова прашање