
Премиерот Христијан Мицкоски, прогнозира СДСМ да не освои ниту еден градоначалник, а вели дека засега се конкурентни во четири општини. Тој посочува дека опозициската партија води политика преку која критикува сѐ што Владата прави, а за него, тоа не е во ред, и вели: „Не може да не чини сѐ што ние правиме. Не може сѐ по било која основа да се критикува, вклучувајќи го договорот со Обединетото кралство“.
„Јас очекувам врз основа на бројките, убедлива победа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Јасен бев вчера, можеби таму каде е конкурентен СДСМ се максимум четири општини, иако да бидам искрен, ако вака неодговорно се однесуваат, можеби и да нема да освојат општина на следните локални избори“, рече Мицкоски.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, пак вели дека граѓаните ќе кажат каков ќе биде резултатот на локалните избори. Според него има револт кај граѓаните.
„Чаурата на власта каде се наоѓа, е сѐ потесна. Не се свесни за револтот и гневот кој луѓето го чувствуваат. Заради платите, трошоците, притисокот кој го прават на фирмите, немањето на поврат на ДДВ, револтот кој се излива на улиците по трагедијата во Кочани каде загинаа 62 деца. Никој не ги примил и сослушал родителите кои имаат што да кажат и побараат“, рече Филипче.