Skip to main content

Мицкоски: Со нетрпение ја чекам резолуцијата за црвените линии со Бугарија и сите ние да изградиме заеднички државнички став

Премиерот Христијан Мицкоски во интервју за ТВ Сител посочи дека со нетрпение чека да биде поднесена резолуцијата за црвените линии со Бугарија.

„Со нетрпение очекуваме да дојде таа резолуција за да дадеме ние наш инпут. Нели самата опозиција ни велеше дека ни треба заеднички, државнички настап. Еве ја очекуваме од СДСМ. Веќе се зборува еден месец и чекаме конечно да се појави во Парламентот за да можеме ние како политичка партија да дадеме инпут“, вели претседателот на Владата на Република Македонија.

Тој нагласи дека доколку тоа не се случи, тогаш СДСМ само се обидуваат да наметнат тема во јавноста, укажувајќи дека најпрво ќе мора да ја види таа резолуција за да дадат свој инпут во содржината, бидејќи како што рече СДСМ да не очекува дека бланко ќе им се прифати тоа што ќе го достават.

„Доколку тоа не се случи, тогаш претпоставувам дека СДСМ во отсуство да наметне тема во јавноста, се обидуваа еве со конструкции, со лаги, со лешинарење но не успеваа, па сега рекоа ајде ќе градиме тема врз основа на резолуција за црвени позиции. Во ред, ајде господа повелете доставете ја во парламент и претпоставуваме очекувате дека најголемата политичка партија и коалиција ако сакате да ја подржи, ќе мора да има и свое учество во содржината на истата. Затоа што би било незрело, ако вие мислите дека таа не треба да биде препознаена и дека не треба априори да биде подржана, бидејќи вие сте направиле толку квалитетен и сериозен документ, а имајќи во предвид искуството од минатата, не би се сложил со тоа, дека ВМРО-ДПМНЕ тоа така ќе го подржи бланко и ние сите среќни ќе бидеме. Тоа така не оди.“, дециден е Мицкоски.

На крај рече:

„Затоа велам со нетрпение ја чекам и сите ние да изградиме заеднички државнички став и да се сложиме по тие прашања кои што се важни за граѓаните, а секако евроинтеграциите се едни од тие прашања.“.

Поврзани вести