Skip to main content

Мицкоски: Почнува нова изборна кампања, за нас и нов испит

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска се обрати на промоцијата на кандидатите за градоначалници на партијата за локалните избори.

Истакна дека за нив, со почнувањето на изборната кампања, почнува и нов испит.

ВМРО-ДПМНЕ

-Една кампања е обид да се преточат визијата и идеите во зборови, симболи и дела што ќе стигнат до секое срце. Но, кампањата не смее да биде театар на празни ветувања, таа треба да биде мост помеѓу вистината и надежта, да ја покаже искрената намера, а не да ја замаглува со илузии. Таа е момент на убедување, но и момент на огледало, таму се гледа и народот и човекот кој се кандидира и нивната меѓусебна искреност. Очекувањата секогаш се високи. Народот очекува подобар живот, сигурност, правдина и перспектива. Но, во суштина, тој очекува нешто уште подлабоко, достоинство, човечност. Да не биде излажан, да не биде третиран како средство, туку како цел за чија благосостојба мора да се работи одговорно. И мојот однос во политиката секогаш бил искрен, со срце и со чест кон работите, истакна Мицкоски.

Порача, да не забораваат дека под титулата и протоколот има исто срце што чука, исто семејство што го чека, исто достоинство како секој друг.

-Да бидеме со народот, но и да бидеме водени од неговата волја и неговата болка за која мора да помогнеме. Да бидеме човек кој знае дека моќта е минлива, но делото и доблеста остануваат. И во животот е многу важно да се направи вистинскиот избор. Животот се состои впрочем од правење избори. Денес, не бараме аплауз за ветувањата, туку доверба за работа. Зашто вистинската награда не е во аплаузите, туку во животот што ќе го направиме подобар.

И кога ќе дојде денот на одлука, и ќе стоиш со пенкалото во рака пред ливчето, ќе знаеш дека одговорот го носиш во себе. Во срцето. Во погледот. Во улицата. Во промената што веќе почна. Во најдоброто што допрва доаѓа, нагласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.