
Премиерот Христијан Мицкоски, презентирајќи го финалниот сегмент од стратегијата „Државност 2030“, порача дека Македонија влегува во период во кој политичката визија мора да стане државна реалност. Тој ја претстави новата парадигма на владеење, заснована на десет принципи што, како што рече, ја дефинираат филозофијата на модерната македонска државност.
Десетте принципи на новото државно водство
Достоинство пред сè – политиката мора да ја почитува вредноста на човекот и државата.
Правдата е единствениот легитимен авторитет – без неа нема држава.
Знаењето е највисоката форма на капитал – образованието е темел на иднината.
Државата мора да биде силна, но не и доминантна – силна во заштитата, умерена во контролата.
Нацијата е заедница на заедничка судбина – не етнички список, туку историска целина.
Пазарната економија создава можности, но мора да биде праведна – слободата бара одговорност.
Институциите се јадрото на демократијата – политиката доаѓа и си оди, државата останува.
Европската ориентација е цивилизациска определба – не тактика, туку вредност.
Технологијата и одржливоста се новиот облик на развој – зелената трансформација е пат, не опција.
Општеството се гради со доверба – без неа нема стабилност, единство, напредок.
Овој идеолошки кодекс, како што нагласи Мицкоски, претставува национален договор и нова парадигма која ќе ја води државата и партијата во периодот 2025–2030. Тој ја дефинира Македонија како суверена во идентитетот, европска во ориентацијата, стабилна во институциите и успешна во економијата.

„Овој конгрес е мост меѓу она што бевме и она што мора да станеме“
„Во секој политички миг постои едно прашање што ја мери зрелоста на една нација: дали сме генерација што сака да го продолжи обичајот на очекување или да ја прекине навиката на одложување?“ – порача Мицкоски.
Тој нагласи дека изборот веќе е направен и дека нема враќање назад:
„Овој конгрес не е само организациска обврска; тој е мост меѓу она што бевме и она што мора да станеме. Нашата одговорност не е да ја повториме историјата, туку да ја создадеме иднината што тие пред нас ја посакувале, а ние сме должни конечно да ја реализираме.“
„Државата не може да чека. Иднината не може да се паузира“
Мицкоски истакна дека ова што денес се презентира не е „политичка желба, туку државничка потреба“. Македонија, рече, нема луксуз да чека едно столетие за да ги направи чекорите што мораат да се направат веднаш.
„Ова е моментот кога ја избираме зрелоста пред личната комоција, долгорочноста пред ситните пресметки, обединувањето пред поделбата. Народ што се плаши од сопствената сила станува плен на туѓите слабости, а народ што верува во својата мисија станува пример.“

„Македонија има повеќе сила отколку што гледаме – наша задача е да ја ослободиме“
Премиерот подвлече дека најголемата промена никогаш не дошла од декларации, туку од луѓе кои одбиле да се помират со ограничувањата.
„Македонија има многу повеќе капацитет, многу повеќе талент, многу повеќе неискористена сила. Нашата задача е да ја ослободиме. Да го запалиме тој жар. Да вратиме чувство дека државата не се води според инерција, туку според визија.“
Ова, како што истакна, е само почеток на нов политички модел – модел на државност што се брани со резултати, не со зборови.
„Оваа генерација нема право да биде послаба од претходните“
Мицкоски призна дека патот нема да биде лесен, но потсети дека македонскиот народ секогаш се исправал кога било најтешко.
„Имаме право само на едно: да направиме повеќе, подобро и посилно“, нагласи тој.

„Македонија може. Македонија знае. Македонија ќе успее“
Од конгресот, премиерот испрати порака што, како што рече, треба да одекне низ секој дом:
„Македонија може. Македонија знае. Македонија ќе успее. Но не со празни зборови, туку со визија, работа, единство и секојдневно создавање просперитет.“
„Ја отвораме деценијата на зрелоста“
„Денес ја затвораме една етапа на неизвесност и ја отвораме деценијата на зрелоста – деценија во која државата не само што ќе опстане, туку ќе расте, ќе се стабилизира, ќе напредува и ќе стане пример“, додаде Мицкоски.
Политиката, според него, мора да се врати како чест професионален повик, лидерството како служба, а државата како заеднички дом.
Повик за поддршка на стратегијата
На крајот, тој ги повика делегатите да ја поддржат стратегијата и пропратните доктринарни и стратешки документи.
„Секоe време бара прилагодување. Мораме да се прилагодиме на времето што доаѓа и на генерацијата што мора да ја добие шансата. Ова е словото врз кое го темелиме идниот развој. Заедно и обединети, за визија што ќе ја гради државата и заедничката иднина“, заклучи Мицкоски.

Македонски







