Skip to main content

Мицкоски: Имаме стабилни резерви, дополнително го намаливме ДДВ за горивата од 18 на 10%

Претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на најновата одлука на Владата за намалување на ДДВ за горивата и следењето на цените во регионот, изјави:

„Во текот на вчерашната седница на Владата донесовме одлука, најпрвин да прогласиме кризна состојба во траење од 30 дена, а потоа и донесовме одлука да го намалиме данокот на додадена вредност од 18 на 10%. И ние сме една од ретките Влади во Европа, можеби има уште една или две Влади коишто директно од буџетот го одржуваат стандардот на граѓаните. И така и ќе продолжиме, бидејќи за нас претставува најголем интерес и приоритет да го одржуваме стандардот на граѓаните. Тоа е и целта на една народна Влада каква што планира да биде оваа Влада. Така што имаме уште неколку чекори, уште неколку мерки, но внимателно ја следиме ситуацијата, граѓаните и бизнисот треба да бидат спокојни. Во овој момент имаме предизвици и ќе има предизвици, но електро-енергетската состојба во државата е исклучително стабилна, но исто така и снабдувањето со нафта и нафтени деривати е исклучително стабилно. Така што во овој момент не само што ги задоволуваме домашните потреби, знаете поради најниската цена на бензините и дизел горивото во регионот имаме многу граѓани од соседните држави коишто полнат гориво на бензинските пумпи кај нас. Притисокот е најголем на западната, северната и јужната граница. На запад Охрид, Струга и Дебар, на југ тоа се Битола и Гевгелија, на север тоа е Куманово. Некаде околу 150 илјади литри на ден имаме зголемена потрошувачка, доколку се спореди тоа со она коешто е вообичаена потрошувачка од минатото.“

Потоа премиерот Мицкоски додаде во однос на вчерашната прес-конференцијата за нова средба со ОКТА и дали е договорен дополнителен попуст и како тоа би се одразило на крајната цена:

„Јас во текот на вчерашната прес-конференцијата реков дека ќе има телефонски разговор со раководството на ОКТА. Задолжена за тоа е министерката за енергетика, минерални суровини и рударство, до овој момент додека да дојдам тука, немам информација дека е реализиран тој разговор. Сега кога ќе заврши овој настан ќе се слушнам со министерката и очекувам денеска тоа да се реализира и очекувам разбирање од страна на ОКТА. Бидејќи навистина сега се моменти кога треба сите да си помогнеме едни на други.“

На прашањето дали се планира да се намали акцизата наместо ДДВ-то како по примерот во Хрватска и Србија, Мицкоски рече:

„Да, одговорот на ова прашање има два дела. Прво како земја имаме најниски давачки кон Владата, кога станува збор за бензините и за дизел горивото. Да речеме Хрватска е речи си двојно поголема од колку кај нас, исто така и соседна Србија. Правевме анализа, имајќи ги предвид цените на берзите за безоловниот бензин 95 и 98 октани и дизелот, а согласно закон, репер берза за нас е италијанската берза, односно ФОП Италија, на место на испорака таму. Дојдовме до заклучок дека доколку би интервенирале во акцизите, тогаш намалувањето за бензините безоловниот 95 и 98 октански ќе беше 1 денар по литар, а за дизелот ќе беше 2 денара по лита. Затоа одлучивме да имаме поробусна, поголема интервенција и на овој начин се намалуваат цените, отприлика за 6,5 до 7 денари по литар. Но се разбира состојбата ќе ја следиме и како следна мерка кога веќе тоа намалување би било позначајно, ќе го имаме и тоа предвид. Но сега сакавме поголема, поробусна интервенција за веднаш да почувствуваат граѓаните, да нема зголемување драматично коешто би удрило на стандардот на граѓаните.“

Премиерот Мицкоски во однос на колку би заштедите граѓаните со оваа мерка за намалување на горивата изјави:

„Да, направивме и таква анализа, дневната заштеда е повеќе од 200 илјади евра за граѓаните. Очекуваме неделно да биде околу милион и пол евра отприлика. Така што ќе видиме, ќе ја следиме состојбата и наместо да бидеме реактивни, ќе бидеме проактивни. Ќе повторам, кај нас во моментот има убедливо најниска цена на дизел гориво и на безоловни бензини, односно 95 и 98 октански, споредено со било кои од земјите во регионот.“

Поврзани вести