
Воздухот во Трубарево е чист, во текот на денот се чекаат резултатите од испитувањето на почвата што ги прави универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, информира вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити.
По посетата на Државното средно училиште за рехабилитација и образование „Св. Наум Охридски“, прашан за состојбата во Трубарево по пожарот во фабриката за рециклирање електричен и електронски отпад посочи дека со стабилизирање на состојбата со огнот се стабилизирала и состојбата со воздухот.
Ние ги прикажавме резултатите и од дење и од ноќе, кога беа покачени. Веднаш откако се стабилизира состојбата со огнот се стабилизираше и состојбата со воздухот. Таму е чисто, нема никаков проблем. Сега работиме на испитување на почвата. Во текот на денот ги чекаме испитувањата од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и јавноста ќе биде известена, рече Меџити.
Министерството за животна средина и просторно планирање денеска соопшти дека согласно индикативните мерења на суспендирани цврсти честички (PM10) на мерното место во Трубарево, спроведени во периодот од 21.09.2025 во 08:30 часот до 22.09.2025 во 08:30 часот, просечната концентрација изнесува 14.2 µg/m³. Највисоката измерена вредност била 44.1 µg/m³, додека моменталното ниво било 11.9 µg/m³.
Резултатите покажуваат дека концентрациите на PM10 се во рамки на дозволените и не ја надминуваат 24-часовната гранична вредност пропишана за заштита на човековото здравје, согласно Уредбата за квалитет на амбиентниот воздух.
Пожарот во фабриката „Нула отпад“ за рециклирање електричен и електронски отпад во скопско Трубарево се случи на 13 септември.