
Градоначалникот на општина Чаир, Изет Меџити, учествуваше на Регионалната конференција „Младинската дипломатија како инструмент на меѓуалбанската соработка и европската интеграција“, организирана од Албанскиот младински форум, каде што говореше за значењето на зајакнувањето на меѓуалбанската соработка и улогата на младите во процесот на европска интеграција, соопштија од локалната самоуправа.
Во своето обраќање, Меџити истакнал дека образованието, културата, економијата и туризмот треба да бидат главните столбови на меѓуалбанската соработка, посочувајќи и конкретни иницијативи што веќе се реализираат, како Албанскиот саем во Скопје и Меѓународниот музички фестивал што ќе се одржи во Старата чаршија.
Меѓуалбанската соработка не треба да остане само идеја за што зборуваме, туку да се претвори во конкретни проекти што ќе создадат нови можности за граѓаните, особено за младите. Само преку меѓусебна доверба, соработка и заеднички ангажман можеме да изградиме подобра иднина за Албанците каде и да живеат – нагласил Меџити.
На конференцијата учествувале институционални, политички и академски претставници, како и млади од Албанија, Косово, Македонија, Црна Гора и Прешевската Долина, со цел зајакнување на меѓуалбанската соработка и промовирање на улогата на младите во европските интегративни процеси.

Македонски



