
Актуелниот градоначалник и лидер на ЗНАМ, Максим Димитриевски ќе го брка третиот градоначалнички мандат во Куманово, потврди на денешната прес-конференција претседавачот на Централниот одбор на ЗНАМ, Игор Филков, одговарајќи на прашањето дали партијата преговара со својот коалициски партнер ВМРО-ДПМНЕ за зааеднички настап на локалните избори.
Во моментот преговорите се во тек. Но, она што можам да го потврдам сигурно е дека ние ќе имаме кандидат во градот Куманово, тоа е нашиот претседател Максим Димитриевски. Ќе имаме најмалку едно градоначалничко место во општините во Град Скопје, но и други места ширум републиката за кои сѐ уште траат преговорите, рече Филков.
На денешната прес-конференција Филков информираше за формирањето на Градската организација на ЗНАМ во Скопје. За претседател на Градската организација едногласно е избран Мирослав Лабудовиќ, магистер по електротрехника и информациски технологии и актуелен заменик-министер во Министерството за енергетика.