
Со залагање на македонски активисти од општина Пустец, предводени од поранешниот градоначалник Едмонд Темелко и Панди Јани и финансиска поддршка од македонското МНР од неодамна во Албанија функционира порталот на македонски јазик „Македонски глас“.
Група активисти аплициравме на објавениот повик на МНР за поддршка на проекти за Македонците во Албанија и во соработка со амбасадата во Тирана, со проект за отворање портал за Македонците во Албанија. По добиените финансиски средства почна да функционира порталот, кого го одржуваат млади лица на доброволна основа, вели Темелко за МИА.
Според него, порталот е посветен на информирање, едукација и поврзување на македонската заедница во Република Албанија.
Има за цел да ја зачува и промовира македонската култура, јазик и идентитет преку објавување на релевантни вести, анализи и содржини од културен, историски и општествен интерес, посочи Темелко.
Тој додаде дека седиштето на „Македонски глас“ е во Република Албанија, каде што „активно работи за унапредување на правата и интересите на Македонците“.
Во Албанија постојат весникот „Преспа“, најстаро гласило на Македонците и весникот „Илинден“, кои се во печатено и електронско издание, како и „Македониум“ кој има само електронско издание.