Со полагање цвеќе на спомен бистата во центарот на Пустец, достојна почит на македонскиот великан Гоце Делчев, по повод 153-годишнината од раѓањето, му оддаде делегација на познати македонски активисти од областа Мала Преспа, предводена од поранешниот градоначалник на Пустец, Едмонд Темелко, придружуван од Спиро Малевски и Панди Јани.
Денеска со гордост се сеќаваме на човекот кој го посвети својот живот за слободата на македонскиот народ и Македонија. Гоце Делчев не е само историска личност, тој е идеал, визија и инспирација за сите генерации Македонци, рече Темелко.
Токму по негова заслуга, како градоначалник плоштадот каде што е поставена бистата го носи името Гоце Делчев, а беа вратени и автентичните македонски топоними на Пустец и сите населени места во општината.
Заедно порачаа „нека зборовите и делата на нашиот великан Гоце Делчев, симболот на македонската борба за слобода, продолжат да нè водат! Вечна слава и почит”.
Почит на Гоце Делчев денеска му оддаде и делегација на македонската партија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, предводена од партискиот лидер, Васил Стерјовски.