Skip to main content

Конференција „Ран почеток, трајни придобивки – градинка за секое дете“

Влада

Конференција „Ран почеток, трајни придобивки – градинка за секое дете“, во организација на Министерството за социјална политика, демографија и млади и УНИЦЕФ ќе се одржи денеска во Скопје.

Целта на настанот, како што соопшти Министерството, е да се презентираат наодите и препораките од анализата за иновативни модели на финансирање на предучилишното воспитание, како и да се отвори дијалог за мерките за проширување на пристапот преку диверзифицирани механизми за финансирање и испорака на услуги, земајќи ги предвид и најранливите деца.

Воведни обраќања на конференцијата ќе имаат министер за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани и претставничката на УНИЦЕФ во Македонија Лесли Милер.

Во рамки на конференцијата ќе бидат презентирани наоди и препораки од анализата за иновативни модели на финансирање на предучилишното воспитание и грижа „Првите години се важни“, по што ќе се одржи панел дискусијата посветена на „Нови модели за проширување на предучилишното воспитание и грижа – Улогата на јавниот и приватниот сектор и можности за меѓусебна соработка“.

Потоа ќе бидат презентирани наодите и препораки за зајакнување на инклузијата во предучилишното воспитание и грижа „Патеки кон инклузија“, по што следи панел дискусијата „Еднакви можности од најрана возраст – Вклучување на децата Роми и децата со попреченост“.

Завршно обраќање на конференцијата ќе има заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски.

Во најавата на организаторите се наведува дека децата кои во првите години од животот немаат пристап до квалитетно предучилишно образование и грижа пропуштаат клучен период за когнитивен, социјален и емоционален развој, кој ја обликува нивната подготвеност за учење. Тоа резултира со долгорочни последици за децата, намален човечки капитал, пониска продуктивност и значителна загуба за развојниот потенцијал на земјата.

Во земјава повеќе од 79.000 деца на возраст од 0 до 6 години не се вклучени во предучилишно образование и грижа. Кај децата на возраст од 3 до 6 години, две од три деца немаат пристап, споредено со просекот во Европската Унија од 95 отсто. Капацитетите на јавните градинки бележат континуиран раст во изминатата деценија, но растот е недоволен за да се постигне националната цел од 65 отсто опфат. Државата издвојува 0,34 проценти од БДП за предучилишно образование и грижа, што е само половина од просекот на ЕУ. Само 7 отсто од децата во градинка одат во приватни установи — додека во ЕУ учеството на приватните даватели на услугата се движи меѓу 15 отсто до 35 отсто.

Со цел да се прошири пристапот до предучилишно образование и грижа и да се обезбеди најдобар почеток за секое дете, сè поголем број европски земји влегуваат во партнерство со приватниот сектор. Притоа јавното финансирање се насочува и кон приватните установи, како и кон работодавачите кои ја обезбедуваа услугата за децата на вработените. На овој начин се зголемуваат можностите да се опфатат повеќе деца, и се диверзификуваат механизмите за финансирање.

Новите модели за проширување на опфатот мора да водат сметка и за најранливите деца. Исклученоста од предучилишното образование и грижа е особено голема кај децата Роми и децата кои живеат во сиромаштија – помалку од едно од десет деца е запишано во детска градинка. Се проценува дека само околу 20 проценти од децата со попреченост посетуваат градинка. Мерките за приоритизирање на ранливите деца остануваат фрагментирани, недоследно применувани и недоволни за надминување на јазот во опфатот. За да се постигне правично проширување на опфатот, потребни се нови и систематски мерки за отстранување на бариерите со кои се соочуваат најранливите групи, се додава во соопшението.

МИА

Поврзани вести