Skip to main content

Коцевски: Упатството за приоритет на предметите за корупција се совпадна со најавите на премиерот

Јавниот обвинител на Република Македонија, Љупчо Коцевски вели дека упатството за давање приоритет на предметите за корупција се совпаднало со најавите на премиерот Христијан Мицкоски за акција против корумпираните судии и обвинители. Коцевски не се согласува со тезата дека со упатството тој признава дека обвинителствата не постапувале како што треба до тој момент и нагласува дека јавното обвинителство континуирано работи, но проблемот е во тешкото обезбедување на докази.  

– Во конкретниот случај, можеби се совпадна она што премиерот го кажа и тоа што беше моја намера – да се даде приоритет на сите предмети што се во интерес на јавноста. Тоа го разработував извесно време, меѓутоа некои работи се совпаднаа. Со тоа што можам да кажам дека ја уверувам јавноста дека не може јавното обвинителство да биде под притисок на власта или опозицијата затоа што јавното обвинителство мора да работи согласно закон и правилата ко ги предвидува самиот закон, вели Коцевски во интервју за „360 степени“.

Според Коцевски, јавното обвинителство континуирано работи, но проблем е во тешкото обезбедување на докази. 

– Јавното обвинителство континуирано работи, меѓутоа проблем е што доказите многу тешко се обезбедуваат и овој приоритет не е само за јавните обвинители да даваат приоритет на предметите за корупција, туку да ги ажурираат сите предмети, имајќи предвид дека сите наредби што се даваат до одредени органи, во одреден период не се добиваат соодветни докази. Што значи дека јавното обвинителство сега даде приоритет за ажурирање на сите оние предмети, на сите оние наредби по коишто се постапува за да се добијат одредени докази од страна на органите од коишто се бараат, вели Коцевски.

Државниот јавен обвинител изјави дека нема сомнеж во работата на Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), ниту во јавниот обвинител што го води тоа обвинителство. Истакнува дека надзорите во обвинителствата се редовна пракса и не се реакција на критиките од извршната власт. 

– Не само во Јавното обвинителство за организиран криминал, туку и во сите други јавни обвинителства е вршен надзор со тоа што во вишите јавни обвинителства во цела држава последните четири години не е вршен никаков надзор. Надзорот треба да се врши двапати годишно. Во последните четири години, со оглед дека не беше вршен надзор, причините не ги знам, како државен јавен обвинител дадов наредба да се изврши надзор во сите виши јавни обвинителства, да се изврши надзор во јавното обвинителство за организиран криминал, да се изврши надзор во работењето на јавниот обвинител за Европравда и да се изврши надзор на јавниот обвинител што го води одделението за меѓународна правна помош. Никогаш не се вршело надзор на овие две одделенија, а надзор во Јавното обвинителство за организиран криминал ми се чини некаде најмалку околу две години не е вршен, истакнува Коцевски.

Во врска со случувањата со скопскиот виш обвинител Мустафа Хајрулахи, кој е суспендиран и против кого се водат и дисциплинска и кривична постапка, односно на прашањето зошто, и покрај ветувањата, не е објавен извештајот од надзорот во Вишото јавно обвинителство Скопје, рече дека е поради тоа што е доказ во тековната постапка. Коцевски информираше дека јавниот обвинител кој го води предметот во ОЈО Штип оценил дека покрај пријавата поднесена од група вработени во Вишото јавно обвинителство Скопје за кривично дело малтретирање во вршење на службата, против Хајрулахи има и друго кривично дело – злоупотреба на службена положба и овластување. 

Коцевски истакнува дека се работи и на повеќе предмети поврзани со „Електрани на Македонија“ (ЕСМ), РЕК „Битола“ и случаи поврзани со набавката на енергенти. 

– Првпат ќе соопштам дека во моментот Основното јавно обвинителство Битола работи на шест постапки за тендери. Работи и на други, за други постапки за набавка на јаглен, мазут и така натаму, што значи дека има доста работа. Се прибираат докази. Во еден дел активирани се и МВР и БЈБ со нивното Одделение за сузбивање на криминалот, така што во скоро време очекувам и таму да имаме резултати, изјави Коцевски. 

Поврзани вести